Каменот останува камен и
не можеш со сила да му внесеш топлина.
И да го галиш и искрен да бидеш,
каменот не ќе ти верува.
Оти каменот, заборавил да љуби.
Оти без добра мисла каменот не знае да се радува,
не знае што е среќа,
си сменил и дефиниција и концепт.
Каменот лута во својот страв.
Се разрожил во својата неукост,
будалкост, ги запрел и мислите и желбите.
Се ограничил, се залутил како качак
што лути на грло,
си ја исушил перцепцијата за допир.
Кога човек не разбира со срцето,
тогаш која е разликата помеѓу него и каменот.
Кога човек не разбира со душата,
кога заборавил да разбира,
да те сослуша, која е разликата со каменот.
Секој некогаш бил среќен,
па несреќен, па среќен…но без убава мисла,
без добрина, ако застанеш каде што си бил несреќен,
камен ќе се сториш и со мисли ќе се мачиш.
Ако не знаеш да сослушаш, статика си.
Ако не знаеш да препознаеш, слеп си.
Тој е свет затворен во себе,
тој не научил ништо, талка,
го фрлаат, стои во својата околина и молчи.
Кај каменот не знаеш
едното око што му мисли на другото,
не од неверба, од ладнина,
од недостаток на страст,
туку од недоисплакана верба во животот.
Многу камен, малку љубов.
Малку добрина, многу злоба.
Многу очи, малку погледи.
Малку вера, многу верници.
Многу зборови, камени.
Останаа ли добри луѓе,
во овој префорсиран свет на кукли
со срце на камен или и добрината секна.
Затоа не губи од убавина човеку,
смеј се, уживај во чашата вода,
радувај се што не си камен,
без гневови, биди благо пријатен,
добронамерен, пишувај, шири сонце,
шетај, живеј, љуби, разликувај, вистинувај.
Затоа човеку, не го убивај човечкото во себе.
Не го мешај егото, со ладнокрвноста,
разликувај добра од лоша душа,
напатена, од ладна,
мила, од сокриена,
искрена, од непромислена.
Затоа човеку, тргни.
Не се колебај.
Живеј. Љуби. Насмевни се.
Биди добар.
Затоа човеку, тргни со добра мисла,
Оти каменот тоа не го може.
А сакал, некогаш.
Но не љубел, никогаш.
Виктор Кадинец