Проспер Мериме (француски: Prosper Mérimée) француски писател, драматург, историчар, археолог и новелист од XIX век. Најпознат е по неговата новела „Кармен“ која станала основа за операта „Кармен“ од Жорж Бизе. Починал на денешен ден во 1870 година.
Потекнува од сликарско семејство
Мериме потекнува од имотно граѓанско семејство кое негувало книжевно-филозофски, уметнички традиции, така што рамнодушно ги набљудувале политичките превирања во Франција и не учествувало ниту во политичките ни во верските судири. Татко му и мајка му биле сликари, а и самиот Проспер имал сликарска дарба. Мајка му на Проспер Мериме била толку антиклерикална, што нејзиниот син не бил ниту крстен. Во училиштето, Мериме бил просечен ученик и го учел само она што го интересирало. Ги читал претходниците на романтизмот, цртал и сликар, но рано созреал и се развил во критички дух. На седумнаесетгодишна возраст се запишал на студиите по право, кои ги завршил во 1823 година, но не станал адвокат.
Посетувал книжевни салони каде се спријатил со Стендал
Во тој период, Мериме ги посетувал книжевните салони, се дружел со многу познати писатели и сликари и во 1822 година се запознал со Стендал, кој штотуку ја напуштил Италија. Во почетокот, Стендал не бил многу наклонет кон Мериме, опишувајќи го како „кутрото момче во сив реденгот и толку грд со своето напрчено носе. Тоа момче имаше нешто…крајно непријатно. Неговите ситни и безизразни очи имаа секогаш ист изглед, пакосен“. Навистина, Мериме не бил ниту убав, ни добар ни елегантен, но сепак, благодарејќи на својот ум и талент, успеал да се спријатели со Стендал. Тој го воведол во салонот на Етјен Делаклиз, каде Мериме набргу се наметнал со својата интелигенција.
Бил многу либерален и голем индивидуалист
Подоцна, Мериме се изјаснил за широк либерализам – го напаѓал лицемерието и го нагласувал фарисејството на свештенството, но не покажувал наклонетост кон народот. Оттука, иако не бил ројалист, тој не бил ниту републиканец, туку цело време останал индивидуалист. Истовремено, Мериме водел развратен живот, со бројни љубовни авантури. Често ги посетувал театрите, монденските ресторани и злогласните места. На пример, за време на карневалот во 1829 година се вратил дома дури по изгрејсонцето, а во едно писмо до некој англиски пријател напишал: „Сметам дека вреди да се живее“.
Книжевноста му била споредна професија
Како голем ерудит, познавач на историјата, архитектурата и археологијата, на возраст од 28 години Мериме станал шеф на одделение при Главниот секретаријат на министерството за поморство. Со тоа започнала неговата кариера како државен службеник, така што до крајот на животот книжевноста му била само споредна професија.
Одиграл голема улога во зачувувањето на културно-историското и уметничкото наследство
Набргу станал шеф на кабинетот во министерството за трговија, во 1834 година станал инспектор во Управата за историски споменици и народни старини. На оваа должност останал повеќе од 20 години и одиграл голема улога во зачувувањето на културно-историското и уметничкото наследство. Во својство на инспектор, Мериме патувал низ Франција и во Корзика, а од тие патувања произлегле голем број статии во разни списанија во кои тој известувал за најразновидни предмети. Покрај посетите на историските места, Мериме ги подучувал и ги надгледувал реставраторите, кои по негова иницијатива обновиле бројни француски историски споменици. Во 1844 година, Мериме станал член на Француската академија. Мериме се интересирал за рускиот јазик и руската книжевност, преведувал дела од руски писатели, а бил и пријател на Иван Тургенев. Покрај литературните, пишувал и научни работи од областите со кои се бавел. Во 1854 година станал сенатор, а подоцна и секретар на сенатот (1860).
Книжевно дело
- Театарот на Клара Газил – збирка пиеси
- Гусли, или избор на илирски песни собрани во Далмација, Босна, Хрватска и Херцеговина“
- Хроника за владеењето на Карло IX
- Новели меѓу најпознати се „Коломба“ (1840) и „Кармен“ (1845) кои наликуваат на кратки романи.
Напишал едни од најсовршените примероци од жанрот новела
Иако не оставил обемно книжевно дело, Мериме напишал неколку раскази и новели кои спаѓаат во најсовршените примероци од тој жанр и до ден-денес важат како примери за убаво пишување. Во таа смисла, без „Коломба“ и „Кармен“ нешто би недостасувало во француската книжевност.
Гласот на еден од најдобрите француски раскажувачи, стекнат за време на животот, Мериме го задржал до ден-денес.
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.