Skip to content

Т.С. Елиот – американски нобеловец со британско срце

Томас Стернс Елиот (англиски: T.S. Eliot; 26 септември 1888 – 4 јануари 1965) е англиски поет, драмски писател и книжевен критичар кој е роден на денешен ден во САД.

Славата ја стекнал со пeсната „Љубовната песна на Џ. Алфред Пруфрок“

Славата ја стекнал со пeсната „Љубовната песна на Џ. Алфред Пруфрок“ (The Love Song of J. Alfred Prufrock), која се смета за ремек-дело на модернистичкото движење. Негови најпознати дела се: Геронтион“ (Gerontion) (1920), „Пуста земја“ (The Waste Land) (1922), „Шупливи луѓе“ (The Hollow Men) (1925), „Чиста среда“ (Ash-Wednesday) (1930), и „Четири квартети“ (Four Quartets) (1945) драмата „Убиство во катедралата“ (Murder in the Cathedral) (1935) итн. Т.С. Елиот е добитник на Нобеловата награда за литература во 1948 година.

Елиот потекнува од буржоаско семејство

Елиот потекнува од буржоаско семејство по потекло од Нова Англија, кое се преселило во Сент Луис, Мисури. Неговиот татко, Хенри Вер Елиот (Henry Ware Eliot) (1843-1919), бил успешен стопанственик, претседател и благајник на „Хидраулик-прес брик компани“ (Hydraulic-Press Brick Company) во Сент Луис. Подоцна, Т.С. Елиот го истакнал значењето на својот роден град за всадување на неговата литературна визија.

Започнал да пишува поезија кога имал 14 години

Започнал да пишува поезија кога имал 14 години, под влијание на Рабајат на Омар Кајам (Rubayat of Omar Khayyam) на Едвард Фицџералд (Edward Fitzgerald), превод на поезијата на Омар Кајам (Omar Khayyam).

Според Френк Кермоуд (Frank Kermode), најважниот момент во кариерата на Елиот пред дипломирањето се случил во 1908 година, кога го открил „Симболистичкото движење во литературата“ на Артур Симонс (Arthur Symons). Преку ова дело, Елиот се запознал со Жил Лафорк (Jules Laforque), Артур Рембо (Arthur Rimbaud) и Пол Верлен (Paul Verlaine). Подоцна, Елиот напишал дека „без Верлен, можеби никогаш немаше да слушнам за Тристан Корбиер (Tristan Corbiere)“.

Работел како учител, во банка и во издавачка куќа

Елиот работел како учител, најмногу во Хајгејт Скул (Highgate School), приватно училиште во Лондон, каде предавал француски и латински јазик. Помеѓу неговите ученици бил и младиот Џон Беџеман. Подоцна предавал во Кралското граматичко училиште, Хај Вајкомб (Royal Grammar School, High Wycombe), и во државното училиште во Бакингемшир. За да заработи повеќе, пишувал критики на книги, а навечер давал дополнителни часови. Во 1917 година се вработил во познатата лондонска банката Лојдс (Loyds Bank), каде што работел осум години. На пат до Париз во август 1920 година, се запознал со писателот Џејмс Џојс и со уметникот Виндам Луис (Wyndham Lewis).

Бил пријател со писателот Џејмс Џојс

Подоцна, Елиот изјавил дека на почетокот Џојс му изгледал арогантен (Џојс во тоа време се сомневал во поетските способности на Елиот), но набргу тие станале пријатели, при што Елиот го посетувал Џојс секогаш кога доаѓал во Париз. Во 1925 година, Елиот ја напуштил работата во Лојдс за да ѝ се придружи на издавачката куќа „Фабер и Гвајер“ (Faber and Gwyer) подоцна преименувана во „Фабер и Фабер“ (Faber and Faber), каде што останал до крајот на својата кариера, станувајќи и нејзин директор. Виндам Луис и Елиот станале блиски пријатели, што резултирало со Луисовата добро позната слика на Елиот, изработена во 1938 година.

Елиот преминал од унитарианизам во англиканство

На 29 јуни 1927 година, Елиот преминал од унитарианизам во англиканство, а во ноември истата година се здобил со британско државјанство. Истовремено, станал управник на неговата парохиска црква Св. Стефан, на улицата „Глостер Роуд“, во Лондон (Saint Stephen’s, Gloucester Road), како и доживотен член на Друштвото на крал Чарлс Маченикот (The Society of King Charles the Martyr).Посебно се идентификувал како англо-католик, прогласувајќи се за „класичар во литературата, ројалист во политиката и англо-католик во религијата“.

Врската меѓу САД и Англија имала големо значење за неговата поезија

Според признанието на самиот Елиот, врската меѓу САД и Англија имала големо значење за неговата поезија, велејќи: „Мојата поезија очигледно има повеќе заедничко со моите ценети современици во Америка, отколку со што било напишано во мое време во Англија. Не би била тоа што е, и претпоставувам дека не би била толку добра … ако бев роден во Англија, но не би била тоа што е и ако останев во Америка. Се работи за комбинација на нештата. Но по нејзините извори, по нејзините емотивни извори, доаѓа од Америка“. Откажувајќи се од неговото американско државјанство, Елиот вели: „Мојот ум можеби е американски, но моето срце е британско“.

Елиот умрел од емфизем на 4 јануари 1965 година

Елиот умрел од емфизем, во Лондон, на 4 јануари 1965 година. Долги години пред тоа, тој има здравствени проблеми предизвикани од прекумерното пушење, а често страдал и од бронхитис и тахикардија. Елиот бил кремиран во „Голдерс грин крематориум“ (Golders Green Crematorium), а во согласност со неговите желби, неговата пепел била однесена во црквата Св. Мајкл во Ист Коукер (St Michael’s Church, East Coker), селото од кое неговите предци емигрирале во Америка. На неговата спомен-плоча бил ставен цитат од неговата песна „Ист Коукер“: „Во мојот почеток е мојот крај. Во мојот крај е мојот почеток“ (In my beginning is my end. In my end is my beginning).

Елиот оставил релативно мал поетски опус

Елиот оставил релативно мал поетски опус, а тој бил свесен за тоа во раните години од неговата кариера. Така, во писмото до Џ. Х. Вудс (J. H. Woods), еден од неговите поранешни професори на Харвард, тој напишал: „Мојата репутација во Лондон е изградена врз мал број стихови, а одржувана со печатење на две или три песни на година.“

Неговата прва поетска збирка била „Пруфрок и други опсервации“ (Prufrock and Other Observations), објавена во 1917 година. Во 1920 година, тој објавил уште неколку песни во „А сега ве молам“ (Ara Vos Prec) (во Лондон) и во „Песни“ (Poems) (во Њујорк), кои ги содржат истите песни (со различен редослед) освен што песната „Ода“ (Ode) во британското издание била заменета со „Хистерија“ (Hysteria) во американското издание. Потоа, славата на Елиот се ширела многу брзо и, според зборовите на поетот и критичарот Стивен Спендер, веќе во 1928 година, Елиот бил легенда за младите поети. а Ајвор А. Ричардс го оценил како еден од ретките поети кого не го совладале тековните услови.

Во 1925 година, Елиот ги собрал песните од збирката „Пуста земја“, од „Пруфрок“ и од „Песни во еден том“, ја додал „Шупливи луѓе“ (The Hollow Men) и ја создал збирката „Песни: 1909-1925“’ (Poems: 1909–1925). Оттогаш, тој само го надградил ова дело, објавувајќи го во 1936 година, со насловот „Собрани песни“ (Collected Poems). Исклучок се „Книгата на стариот Посум за практични мачки“ (Old Possum’s Book of Practical Cats) (1939), збирката со хумористична поезија „Песни напишани во рана младост“, посмртно објавена во 1967 година (составена главно од песни објавени помеѓу 1907 и 1910 година во „Харвард едвокат“),како и „Пронајдоците на Мартовскиот зајак: Песни 1909-1917“ (Inventions of the March Hare: Poems 1909–1917), материјал кој Елиот немал намера никогаш да го објави, а се појавил дури во 1997 година.

Елиот дал значаен придонес и во областа на книжевната критика

Елиот дал значаен придонес и во областа на книжевната критика, силно влијаејќи врз школата на „Новата критика“.

Поопшто, Новите критичари се поведуваат по Елиот кога станува збор за неговите „класични“ идеали и неговата религиска мисла. Неговото внимание врз поезијата и драмата од раниот 17 век, неговото омаловажување на Романтичарите, особено на Шели (Shelley), тврдењеот дека добрите песни не претставуваат „пресвртливо ослободување на емоција, туку бегство од емоција“, и настојувањето дека „поетите…во денешно време мора да бидат проблематични“.

Некои критичари смееат дека не пишувал поезија

За поезијата на Елиот, критичарите отпрвин кажале дека воопшто не е поезија. Многу критичари ја напаѓале неговата практика на широкораспространето испреплетување на цитати од други автори во неговата работа. „Белешки за Пуста земја“ (Notes on the Waste Land), делото кое следи по песната, го дава изворот на многу од нив, но не на сите. Елиот го бранел својот стил, велејќи дека е спас на традицијата во време на фрагментација и дека претставува составен дел од работата која го збогатува делото преку неочекуваното споредување.

Добитник на бројни награди, признанија и почесни докторати

Т.С. Елиот е добитник на бројни награди, признанија и почесни докторати.

Творештво:

Поезија

Пруфрок и други опсервации (1917)

Пуста земја (1922)

Шупливи луѓе (1925)

Ариелови песни (1927–1954)

Патувањето на мудреците (1927)

Чиста среда (1930)

Кориолан (1931)

Книгата за практични мачки (1939)

Четири квартети

Драми

Свини борецот

Карпа (1934)

Убиство во катедралата (1935)

Соединување на семејството (1939)

Коктел забава (1949)

Критички изданија

Collected Poems, 1909-1962 (1963) online edition; also excerpt and text search

Old Possum’s Book of Practical Cats, Illustrated Edition (1982) excerpt and text search

Selected Prose of T.S. Eliot ed. by Frank Kermode (1975) excerpt and text search

The Waste Land (Norton Critical Editions) ed. by Michael North (2000) excerpt and text search

Selected essays (1932); enlarged (1960)

The letters of T. S. Eliot, ed. Valerie Eliot, vol. 1: 1898-1922 (1988)

The letters of T. S. Eliot, ed. Valerie Eliot, vol. 2: 1923-1925 (2009) и многу други.

На следниот лик може да го слушнете рециталот на неговата песна „Шупливи луѓе“.

Напишете коментар