Литература Препораки за читање Странски автори

Предлог книга за читање – Окованиот Прометеј (драма на Есхил)

Окованиот Прометеј е – драма (од жанрот трагедија) на старогрчкиот писател Есхил. Есхил е старогрчки трагичар, наречен „татко на трагедијата“.

Како и сите трагичари, и Есхил за своите драми земал градиво од митовите т.е. од приказните за хероите и боговите, забележани во Хомеровите епопеи. Затоа самиот тој за своите драми велел дека се „трошки од богатата софра на Хомер“.

Стилот, јазикот и поетската техника на Есхил се под влијание на Хомер.

Есхил се обидува на својот народ да му ги објасни крупните прашања за бог и човекот, за државата и поединецот, за судбината и слободата, за човечкиот живот и неговата смисла. Ја нагласува човечката вина, неговото казнување, и божествената мудрост и праведност. Како Ксенофан и Хераклит, така и Есхил тежнеел карактерот на боговите да ги исчисти од премногу човечки црти, и да ги приближи до сферата на моралното совршенство.

Есхил ги намалил хорските партии, а најголемо внимание посветил на дијалошките партии. Тој прв внесол втор глумец.

Теми

Главни теми во делото се тиранијата и пријателството: Зевс е претставен како  тиранин затоа што тој не може да ги почитува правилата за пријателство или да сфати што е тоа  пријателство, љубов или сочувство.

Како други теми се појавуваат: прекумероста, човечкиот напредок, времето, судбината и оганот како симбол на напредок на човештвото. Зевс и Прометеј се претерано тврдоглави и двајцата се залагаат за своите замисли што води кон уништување.

Ликови

Во драмата се јавуваат следниве ликови:

  • Власт, слуга на Зевс
  • Сила, слуга на Зевс
  • Хефест, син на Зевс
  • Прометеј, Титан
  • Океаниди, ќерки на Океан
  • Океан, титан, морски бог
  • Ија, ќерка на Инах
  • Хермес, син на Зевс
Содржина

Драмата се состои од пет дела: пролог, три еписодии и ексода.

Пролог

Власта и Силата, во придружба на Хефест, го носат Прометеј на крајот на светот. Иако не сака да ја изврши задачата, Хефест го приковува Прометеј на една карпа, но додека го прави тоа постојано го сожалува. Откако ќе го остават Прометеј сам, на карпата пристигаат Океанидите.

Прва еписодија

Прометеј им ја раскажува на океанидите причината за суровата казна: Кога Зевс кренал бунт против татко му Крон, мудриот Прометеј ги советувал титаните, но тие воопшто не го слушале. Тогаш, тој го послушал пророштвото на мајка му и му помогнал на Зевс да дојде на власт. Но, кога Зевс сакал да го уништи човечкиот род, Прометеј им помогнал на луѓето давајќи им надеж, учејќи ги на разни вештини а, најпосле, го украл огнот од боговите и им го дал на луѓето. Подоцна, него го посетува и Океан, со совет да му се покори на Зевс и со ветување дека ќе се обиде да му помогне. Сепак, Прометеј изјавува дека воопшто нема намера да се покори.

Втора еписодија

Прометеј продолжува да им раскажува на Океанидите за добрините што им ги направил на луѓето: тој им дал разум, ги научил како да ја обработуваат земјата, им ја открил тајната на обработката на металите, ги научил да подготвуваат лекови и, воопшто, им го дал целокупното знаење. Океанидите му се восхитуваат на тоа, но истовремено, го советуваат да му биде покорен на Зевс.

Трета еписодија

Кај карпата пристигнува Ија, девојката која ја казнила Хера така што ѝ ставила рогови и ѝ го одзела разумот, принудувајќи ја да скита низ целиот свет. Прометеј ѝ ги кажува маките што ја очекуваат во иднина, прорекувајќи дека уште долго време ќе скита низ разни краишта и дека најпосле ќе се насели во Египет, каде со еден допир ќе ја оплоди Зевс и тогаш пак ќе ѝ се врати разумот. Исто така, Прометеј го соопштува пророштвото дека еден ден, еден од потомците на Ија ќе го ослободи од маките.

Ексода

Гласникот на Зевс, Хермес доаѓа кај Прометеј и бара од него да му го каже името на тој што ќе го ослободи. Прометеј продолжува да му пркоси на Зевс и изјавува дека не постои таква сила што ќе го принуди да се покори. Тој повторно изјавува дека еден ден ќе пропадне власта на Зевс и дека тој ќе биде слободен. Тогаш, Хермес му кажува дека ќе биде дополнително казнет така што Зевс ќе удри со молња и Прометеј ќе пропадне во карпата, а џиновски орел со векови ќе му кине делови од телото. Прометеј воопшто не се исплашува од таа закана, туку само ги советува Океанидите да бегаат оттука. Во тој миг, од небото почнуваат да паѓаат громови, дува силен ветар, се креваат огромни бранови и бездната проголтува сè.

Осврт кон делото

Земајќи го мотивот од митологијата, Есхил го опеал Прометеј како симбол на постојаниот човеков стремеж за развиток, создавајќи го еден од најсилните ликови во историјата на драмата. Ова дело претставувало дел од тетралогијата, заедно со драмите „Ослободениот Прометеј“ (како втор дел) и „Прометеј Огноносецот“ (како трет дел), но не се знае насловот на четвртиот дел. Притоа, во „Ослободениот Прометеј“ Прометеј и Зевс се помируваат, а боговите не се противат на човековиот стремеж за напредок. За „Прометеј Огноносецот“ се претспоставува дека го обработувал митот за празникот на Прометеј.

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје