Во едно маало се збираа децата и играа најразлични игри. Нивната омилено место за играње беше улицата Шаренолија. Така ја нарекоа бидејќи беше шарена во сите годишни времиња. Опкружена со дрвја и цветни леи личеше на најубав природен пејзаж. Како што се менуваа месеците, така дрвјата и околните растенија добиваа различна боја. Децата си играа на улицата со години, пораснаа играјќи надвор. „Ајде да играме ластик“, ќе викнеше едно дете. „Може, ајде да се наместиме“, ќе одговореше друго. „Ама јас повеќе сакам да скокам на јаже“, ќе речеше трето. „Епа ајде тогаш да играме брканица сите заедно“, ќе предложеше некое друго. Дните им минуваа во заеднички договори која игра ќе се игра следно.
Беа неуморни, забораваа на глад и жед внесени во нивната заедничка активност. Слободни, безгрижни, неуморни и со огромна волја за живот. Секој ден им беше причина за радост, за откривање нови нешта, за учење на нешто ново. Такви беа децата од улицата Шаренолија, шарени во мислите и во љубопитноста, различни по изглед, а толку исти. Наликуваа едни на други во желбата да го имаат најубавото детство на светот. Го постигнаа тоа, и тие беа едни од последните генерации коишто имаа слободно и “улично“ безгрижно детство. Следните генерации не знаеја како е да се биде надвор по цел ден, никогаш не ѝ дадоа свое име на некоја улица. Но децата од Шаренолија секогаш со радост и носталгија ќе се сеќаваат на улицата од нивното маало.
Прочитајте ја и оваа песничка за деца со наслов „Марина сака да биде балерина“.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.