Колумни Литература На пауза со моите монолози

Зарем требаше да се случи пандемија за да се сфати значењето на наставниците и потребата од нив?

Ова е една од оние колумни на кои прво им го пишувам текстот, а потоа го смислувам насловот. Пишувам без концепт уште без да бидам сигурна која ќе биде темата на која ќе го произнесам мислењето. Во последниве неколку дена се случуваат неколку актуелни настани. Еден од нив е тргнувањето на училиште, односно започнување на наставата во училиштата преку новата платформа.

Мислам дека оваа тема е најактуелна и го засега речиси повеќе од половина од нашето население. Што се случува поточно? Слушнавме дека во некои училишта онлајн наставата се одвива успешно и сè е како што треба. Бевме сведоци за пад на системот и неможност за навремено почнување на наставата. За ова имаше неколку “оправдани“ објаснувања зошто било така. Потоа слушнавме дека недостигал голем број наставен кадар во училиштата. А како најлошо од сè е тоа што на вести имавме прилика да видиме дечиња од ранлива категорија со очигледен проблем. Тие немаат средства ниту опрема за да следат “настава на далечина“, а за интернет да не зборуваме.

Сега моето главно прашање што си го поставувам е дали требаше да се воведе овој систем на предавање за да се зголеми потребата за наставници? Со години слушав како постои суфицит на наставен кадар, посебно во помалите градови каде што тешко можеа да се вработат нови учители и наставници додека другите не заминат во пензија. Да не зборувам колку поединци со соодветно образование не можеа да се вработат по струка во некое училиште бидејќи “имало доволно кадар“, па истите или работеа нешто друго или беа без работа.

Им посакувам среќен почеток на сите ученици и студенти, а на наставниците и професорите покрај тоа, огромно трпение и сила во сите предизвици. Не е лесно никому, но нека не биде потешко.

Зарем требаше да се случи пандемија за да се сфати значењето на наставниците и потребата од нив?

Сега одеднаш се јавил нивен дефицит во некои училишта и места во земјава. Не сакам да ја почнам ниту темата дали тие се доволно платени за трудот што го вложуваат. Едноставно имаме пропусти како држава во сите сфери и тоа АПОСУЛТНО НИКОЈ не може да го порекне. Без оглед на тоа кој “царува“ на политичката сцена, ова е мислење што се формирало во текот на моето скромно две и нешто децениско постоење. Не го мислам од вчера, и ќе го мислам сè додека не почнат да се воведуваат промени.

Поразителен е фактот колку назадуваме како држава и колку нешта се “во застој“ кај нас. Коренот на проблемите треба да се изнајде, треба да се копа по решенија, да се биде критички настроен и да се мисли за целокупно добро, а не за лични интереси.

Секогаш сме “неспремни“ кога ќе нè “затекне“ нешто. Било ова тешко да се признае или не. За волја на вистината па и добро се држиме досега, да не биде сè црно, ќе си рече човек дека можеше да биде и полошо. Полошото е црно сценарио кое за жал некои од нас и го почувствуваа на своја кожа годинава, или годиниве наназад.

Немојте ве молам да бидете изненадени кога луѓето се иселуваат од земјава. Не го прават тоа без причина. Не е надвор полесно, никогаш не ни било. Додека стане “лесно“ минуваат денови, месеци и години напорно работење на себе и за себе. Но ете такво е времето кога трудот место да ти го ценат во својата родна земја надвор ти е ценет и платен многу повеќе.

Ако се водиме според “новите промени“, поле пет години од сега, ништо нема да биде исто. Ниту пак треба да биде. Би сакала промената да биде на подобро, но редно време е некој да ја придвижи во правилна насока. Јас сигурно не сум фактор кој ќе потегне “придвижување“, тоа е работа на одговорните за тоа. Но, ако во скоро не почнат да се случуваат промени, ќе ги правиме сами. Како и досега.

До следно! Останете во добро здравје, и со помалку нервози!

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје