Занимливости и информации Литература Поучни приказни Проза

Есенско утро, човекот и птицата

Во еден есенски и дождлив ден, еден човек во средни години рано наутро се движеше пешки накај неговото работно место. Само што беше направил еден километар надвор почна силно да врне, чиниш некој со кофи истура вода од небото. Човекот стокмен во костим и со свенати кондури беше затечен и неподготвен за дождот. Чадор немаше со него, а веќе немаше време да се враќа назад.

Видно изнервиран, не знаеше што да прави. Ако се врати дома ќе задоцни на работа, а пак ако појде таков воден, нема да му биде згодно пред колегите. Беше во неубава положба и за првпат после долго време се чувствуваше збунето. Тогаш над неговата глава прелета една птица, која залутала некаде од јатото при преселбата.

Тогаш човекот си рече: „Ех, камо сега да имав крилја, за минута ќе прелетав до дома, ќе облечев нови алишта и за пет минути ќе бев во канцеларија“. Тогаш птицата како да сакаше да рече: „Би сакал да се замениме само на еден ден за да видиш колку ти е тебе полесно?“. Човекот во костимот воден до гола кожа почна да се нервира уште повеќе. „Колку ми фалат две крилја, камо да можев да летам!“.

Кога времето вреди злато

Знаеше дека мора брзо да дејствува бидејќи времето изминуваше. Немаше време за негодување и сожалување. „Ова е само дожд, а алиштата ќе се исушат, но не можам да се појавам ваков, што ли да правам?“, се прашуваше. Бараше можни решенија, но ништо не му доаѓаше на памет.

Тогаш еден силен гром удри во негова близина, во дрвото до кое стоеше пред неполна минута. Човекот се стаписа. Таква светлина не беше видел во својот живот. „Ама сум имал среќа, за секунда можев да бидам погоден“, си помисли. „За малку можев да загинам, а јас се секирам што ми е водена облеката“, заклучи во себе и тргна на работа со одлучни чекори.

Не му беше повеќе важно како ќе изгледа кога ќе се појави на работа, бидејќи во текот на денот имаше навистина поважни работи кои требаше да бидат завршени.

Н.Н

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје