Знаеш, знам дека никогаш ништо не те интересираше за мене, баш ништо, само јас ја пумпав работата зашто сакав внимание. Очекував многу повеќе од тоа што правев, од тоа што се трудев. Можеби затоа следев сè што правиш, каде одиш, со кого, само заради тоа.
Не викам дека не беше љубов, беше и повеќе од тоа, но само мојата љубов, само мојата љубов беше присутна. Само јас давав сè, само јaс правев сè, само јас те сакав во таа приказна за нас. Само јас се надевав, само јас боледував, зашто ми значеше повеќе од што знаеше, само јас очекував таинствено сè иако знаев дека надеж нема. И нека боли, ќе помине. Ќе помине сè што не сум јас, ќе помине секое чувство за тебе.
Сите надежи и јадови ќе поминат низ времето, ти ќе поминеш. И јас знам, свесна сум дека се лажам себе, јас знам дека најтешко поминуваш ти. Но знам дека кога ќе поминеш враќање нема. Ќе заминеш во фиоките на моите чувства. Таму каде што минатото се населило, таму каде што еднаш згаснуваш ама засекогаш.
И едно најсигурно знам, кога ти ќе поминеш тогаш јас ќе почнам да те болам уште повеќе од сега. А јас ќе те болам засекогаш. Но ќе поминеш…Нема да болиш некогаш.
Ирена Блажеска