Литература Македонска поезија Поезија

Нашата тишина

Што е потивко од тишина?
Кога молкот е двоен,
ќутиш ти, а молчам јас
се разминуваме во неискажливото,
во прашањата непрашани,
во одговорите неслушнати,
во немиот одѕив на тихувањето.

Толку нешта сакам да ти кажам
што останав нема при зборови,
наизуст ми е сè што премолчив,
а останувам пак без текст.

Што е потивко од тишина?
Кога ни срцебиењето не си го слушаш,
си заборавил како звучи сопствениот глас,
копнееш да чуеш познат звук како го изговара твоето име
да ја прекине таа неизлечлива крадливка на звуци.

Колку само е гласна заедничката тишина,
се слуша од овде, точно до твоите уши
макар и биле илјадници километри разделени,
се слуша од моето срцебиење
до твојата будна ноќ и дочекано рано утро.

Што е потивко од тишина?
Кога не го слушаш крцкањето на лисјата под нозете,
кога и внатрешниот глас занемел,
а мислите не можеш да си ги разбудиш,
ете тоа е потивко од тишина.

Кога тишината ќе ти стане чест гостин,
не ја угостувај за да не ѝ се заарни,
оти ако стане навика,
е од оние лошите
што тешко се искоренува.

Кога тишината ќе биде единствен одговор
и без да поставиш прашање,
време е да се прашаш
со што треба да ја исполниш.

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје