Денес го споделуваме само едниот дел од оваа прекрасна македонска народна приказна. Дејството на приказната се одвива во прилепското село Мало Коњари во кое живеел селанецот Божин кој имал син Силјан. Силјан бил разгален, мрзелив и непослушен, а татко му постојано го советувал и го молел да се подобри, зашто во спротивно ќе го фати клетва како што им се случило на пилињата Сиве и Чуле. Прочитајте што се случило.
Силјан Штркот
(Македонска народна приказна)
Во село Мало Коњари имаше еден човек многу чесен и кроток, на име Божин. Тој имаше само еден син на име Силјан; имаше Божин и една ќерка. Силјан беше многу гален и од татка и од мајка, чунки од многу синови Божинови само Силјан беше останал жив, та од тоа беше гален многу беше го ожениле уште на шеснаесет години и на седумнаесетте години му се роди на Силјана едно дете машко, му го викаа Велко.
Однесувањето на Силјан
Секое одење на пазар, Силjан, уште неслезен од коњ, право ќе појдеше кај лебарниците и ќе земеше еден топол сомун ас-екмек и ќе си купеше тан-алва, та ќе јадеше.
— Е, кога ми е посладок сомунов со тан-алвава, бре браќа, — им велел на другарите си, — како да јадам од дома ’ржани леб?
На тие зборови и други Силјанови што им ги велел на другарите, тие уште повеќе го насрчувале да јаде најслатки работи, чунки покрај него и тие јаделе и пиеле.
Некојпат ќе одел на пазар, тики ако му се најдеа повечко пари, два-три дни не си идел ни во најсилната работа дома.
Поуките од татко му
— Синко бре, чедо бре, Силјане! Остај се, бре чедо, од лошиот ајљазлак што си го фатил; остај се од тие лоши другари што не се домаќинска челад. Тие те лажат, бре синче, да арчиш пари по пустина, та и ти да се осиромашиш после како нив! Немој, бре чедо, не оди по умиштата од тие другари; слушај ме, синко, јас што те учам и мајка ти, оти ќе те фати некоја клетва од нас, бре синче Силјане! Веруј, синко, оти секој син и ќерка што не слушале татко и мајка големо наказание од Бога добиле. Слушај, синко, нешто што ми текна да ти кажам: за Сивета и Чулета.
Приказната за Сиве и Чуле
Тие две пилиња и ти сам си ги видел и си ги чул, синко, в поле кај си стојат по шипјето и глогјето и си пеат; едното си пее: сиве, сиве, а другото – чуле, чуле. Ете тие две пилиња, синко си биле некогаш брат и сестра. Многу биле лоши, разлавални (палави, бесни); татко и мајка ич не ризале (слушале), многу ги огорчувале, и зер татко им бил многу лут, така и мајка им, та беа ги колнале многупати, ете зер ѓавол натемаго беше се погодил, чедо, некој лош саат, кога ги колнала мајка им вака:
— Синко Сиве и ти ќерко Чуле! Пилци да се сторите и од куќава наша да одлетате, да в поле да појдете по трњето да стоите и еден-друзи да се барате, та да не можете никогаш да се најдете. Така куртулија (спас) од вас да имаме, од вашиве маки што ни ги давате.
И за вистина, синко Силјане, беа се сториле пилци и си пошле в поле да живеат по трњето и катаден еден други да се бараат и да не можат да се најдат и да се видат. Ем, тако ми Бога, чедо, тебе може да ти се чини лага, ама мене за вистина, чунки ми е приказано од деда прадеда; чунки во стар век, синко, не лажеа нашите стари како сега што лажат младите.
Дека многу те милувам, синко Силјане, та затоа ти ја прикажувам оваа приказничка, да се свестиш и да се оставиш од тие лоши другари што те учат на лошо оти може Господ да те стори со секакви лошотии.
Најпосле, чедо, не знам друго што да ти речам и да те учам отколку што сум чул од татка ми, Бог да ми го прости. Тој многу пати велеше: кој оди од кол на кол, колот…… ќе му се пикне.
Ти, синко, не ме слушаш за ова што те учам сега; арно ама ќе дојде саатот, што моиве зборови сè по глава ќе те удрат и тогај ќе поверуваш; арно ама што рекол некој: ќе ти дојде умот, ама ќе ти појде кумот. Толку знам сега, Силјане, толку ти велам. Прави што правиш, чести си го таткото и мајката да не добиеш некоја клетва во некој лош саат, да да тргаш мака.
Непослушноста на Силјан
Дури го учел Божин Силјана сина си, се се пулел во гредите и во ѕидовите, чунки како крв му се гледаше татко му пред очите кога го учеше.
— Ако се раздени, ќе ти кажам јас тебе клетва ќе добијам и друзи маслаати што ми ги кањараш (читање молитва) ти мене, — си велел сам со себе Силјан, — дури да си појдам в град, да ќе ме видиш ти овде да ме тераш ти на жниење на оваа силна горештина, бидејќи има в град ладни меани, да седам и ќеф да терам со граѓаните.
Блазе си им анасана на граѓаните, ете тие живот поминуваат ја, а не како ние селаните ќе испукаме од горештина, пот да ни тече од челото како река. Утре, дај Боже здравје, одење в град и назад нема да се вратам од овие тешки лакрдии што ми ги рече стариот, да знам оти за вистина клетвата негова ќе ме фати; пиле да се сторам, бело море и црно да прелетам, ама уште еднаш при татка не дојдувам. Ете лели со инаетлак татко ми ме фати, чекај да ме види што маж сум јас. Лели за инает, еден товар сол ќе јадам, ама не му се поклонувам.
Размислувајќи ги овие зборови и друзи ноќта, Силјан уште во темни зори ја праштил в град и си ошол на еден ан кај што си одел секогаш.
Средбата со духовникот
Вечерта за касметот (среќа, судбина) од Силјана дошол еден духовник на анот, од Божи гроб, да проси милостина по вилаетот Прилепски и по други. Арно ама духовникот други пат не бил во тој вилает, за да знае да шета сам и му рекол на анџијата да му бара некој калауз (водич), за да го шета по селата и по градовите.
— Ха, еве ти, Силјане, тебе работа како што бараш, — му рекол анџијата на Силјана, — на нога да шеташ по селата.
Силјан асли тоа бараше, за да го пука татка си и мајка си, кога ќе чујат оти и од Прилеп беше избегал.
Се удрил со духовникот и Силјан на пазар; вур, тут, беше ујдисале поштозашто и утрото тргнале по вилает да просат милостиње за на Божи гроб.
Патот кон Божи гроб
Дошле на Солун и влегле во една гемија (брод) та се упатиле за на Божи гроб. Одела што одела гемијата по правиот пат и по некој ден свртел еден противен ветар многу силен, та кога ја подбрал гемијата по морската ширина, летала како некоја црпка по талазите што биле по морето. Бре овде ќе се удави гемијата, бре онде ќе пропадне, една цела недела што ја тера гемијата и едно утро приближила гемијата до една ада, та кога се удрила од камењето, парче по парче се направила; сите што беа во гемијата се удавиле, само Силјанче беше се нашол на една штица задржан и беше го исфрлило далгата на суво.
По бурата
Оде што оде и најде еден извор, та појде и се напи една вода; до изворот најде емиш (овошје) зрел и си скинал та се поранил, оти беше умрел од глад. Над изворот најде една пештера и тамо беше си влегол за вечерта да преноќева; арно ама ако дојде ти да преноќеваш и да заспиеш тамо, да и Силјан да заспие! Целата ноќ што мислел и думал, за кај бил и сега каде е во таа пустелија кај што петел не пеал и куче на лајало.
– Ах мајче! ах татче! ах мое мило синче, и ти моја мила сестро! и ти моја мила домаќинко! Дали ќе видите некој сон оти јас се избавив од улавото море што ќе ме удавеше? Дали ќе видите некој сон оти јас сум во една пуста земја кај што петел не пее! Ќешке со пушка да бев убиен, мајче, и тамо да бев умрен, во нашите гробишта да бев закопан, за ти, мајко да ми идеш на гробот да ми палиш свеќа и да ми раздаваш задужбина! Ами тука, мајко, во оваа пустелија ќе умрам и орли и врани месата ќе ми ги јадат. Ах, татко, татко, зошто толку лошо ме колна за да дојдам во оваа пустелија!
Со тие зборови и друзи Силјан целата ноќ си ја поминал и одвај во зората беше мигнал малку, та кога се разбудил сонцето беше огреало.
— Сполај ти, Господи, сполај ти, оти сонцево грее од кај што заоѓа овде! Чудна земја ќе биде оваа, си рекол сам со себе, зер долна земја ќе биде оваа! Ејди јас сиромав, нема за мене избавиште и одење веќе во Коњари. Ах, село златно, ах град Прилеп златен, дали ќе ме донесе Господ уште еднаш тамо! Ако рече Господ уште еднаш јас да појдам тамо, три години ќе чинам измет на манастир на Трескавец, на Богородица. Оф јас сиромав само со умот што се богатеам, оту уште еднаш јас ќе било касмет да си одам, ами види го тоа широко море: до кај јас да се вратам уште еднаш назад, овде коски ќе окапам и друго ништо“.
За да ја прочитате приказната до крај, одете овде!
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.