Врховниот бог Брама еднаш маскиран во патник, одел по земјата гледајќи што прават луѓето. На една планинска рамнина здогледал човек кој вежба гаѓање со стрела во мета. Тој човек упорно го правел тоа цел дел, и Брама најпосле му пришол и го прашал:
– Кажи ми добар човеку, зошто толку упорно вежбаш?
Овој му одговорил дека тој е најдобар ловец на елени во светот и дека има само една цел во животот – никој во тоа да не го престигне.
– Од каде знаеш дека си најдобар? – прашал Брама
– Нема сомнеж во тоа, одговорил човекот, јас сум единствениот во светот кој убил три елени со една иста стрела. Ги чекав да се поредат во една линија и тогаш ја пуштив стрелата. Таа ги проби двата елени и се запре на третиот. Никој освен мене во тоа не успеал.
– Не си ти најдобар, рекол Брама, за да бидеш најдобар на светот би морал со една стрела да убиеш цело стадо елени.
– Тоа е невозможно, се побунил човекот.
– Сосема е возможно. Јас сум Брама и можам да те научам да го постигнеш тоа.
Брама ја фрлил патничката облека и се покажал пред ловецот во сјајот на својата божествена природа.
– Научи ме, извикал човекот, јас ќе направам сè за да станам најдобар ловец на елени на светот! Сè!
– За да го постигнеш тоа не треба да вежбаш со лак и стрела, туку треба да медитираш. Влези во пештерата, селаните пред неа ќе ти остават храна и вода, и за целото свое будно време медитирај. После одреден период ќе станеш најдобар ловец на елени во светот. Со една стрела ќе можеш да убиеш цело стадо елени.
Не колебајќи се ни момент, ловецот на елени влегол во пештерата и почнал да медитира. Брама го заборавил, знаете, боговите понекогаш се заборавени, и после триесет години, кога повторно поминувал во тој крај, се сетил што побарал од тој човек. Дошол до влезот во пештерата и во полумрак го здогледал како медитира со затворени очи.
– Еј, разбуди се, разбуди се!, викнал Брама, веќе триесет години медитираш. Еве ти лак, еве ти стрели, ти си сега најголем ловец на елени, на светот ти нема рамен…
Од човекот до Брама дошло само тивко мрморење:
– Каков лак? Какви стрели? Каков ловец на елени?!? Јас сакам само ВИСТИНА!
Поука на приказната
Поуката е дека личниот интерес е оној што често ги доведува луѓето на духовен пат. Некои сакаат конкретни моќи, а некои мудрост со чија помош подобро ќе се разберат себе и светот. Едноставно сакаат да станат подобри луѓе кои околината ќе ги почитува и уважува. Додека други очекуваат награди кои ќе им бидат доделени поради духовните доблести. Колку и да звучи некој од овие цели возвишено, сите се его- игри кои нè вовлекуваат во оваа приказна, ветувајќи конкретна корист и награда.
Но вистинскиот спиритуален развој секогаш е нешто целосно поинаков од она што се очекува на почетокот на патувањето. Колку повеќе се движиме по тој пат, толку повеќе сфаќаме дека целите кои претходно сме ги поставувале никако не се крајни цели, туку само попатни станици кон највисоката цел.
Работата на себе со спиритуална цел е моќна река која полека, но незабележливо ги впива во себе сите други однесувања. Тие може да траат подолго или пократко, но на крајот секогаш се влеваат во таа река и сè се подредува под истата цел. Кога човек целосно ќе се предаде кон највисоката цел, сè останато со текот на времето ќе дојде на свое место.
Прочитајте ја и оваа поучна приказна за момчето и прстенот!
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.