Литература Македонска поезија Поезија

Малодушен монолог – Гане Тодоровски

Споделуваме стихови од Гане Тодоровски, извадок од збирката Апотеоза на делникот (1964)

Од страстите бегајќи, повеќе блиски станавме
животу драг, каков си –таков си: пожелен, нужен
Кален ли! Жален ли! трепериме над тебе
и убав си ни колку да си ни секојдневна занимавка
зашто од здодевност може и да те замрази човек!

Имало сепак и зошто да ти се порадуваме:
срце ни подари до десет љубови што збира,
раце ни разластари до десет мечти што посегаат
и глас ни распеа што не знае стивнувачка!

Туку, скраја од страстите, од тој лут, најлут алкохол,
што само лековерните
и само безволевите го пијат,
зашто ќе треба безразложно да не разликувам дека
едно е убава а друго добра жена,
едно е умот у човека а друго срцето негово,
едно е да си непокорник, сосема друго злосторник!

Не, не зборувајте ми за страстите,
тие се власт над власта
во непризнаената држава на нашите немоштија.

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје