Снегот се уште се наѕираше на врвовите на Пелистер. Беше дождлив ден, како и вообичаено за мај, и почнуваше да се чувствува мирисот на липите во воздухот. Луѓето низ градот раздвижено чекореа, некои се шетаа, а некои забрзано одеа кон својата цел, онаму каде што некој нестрпливо ги очекуваше.
Безгрижноста се чувствуваше во воздухот. Мирјана минуваше низ тесните улици на битолскиот пазар и подзастануваше да ги види малите сликари кои дошле да ги насликаат старите битолски градби.
Посебно ги инспирираше старата чаршија. Тука здишуваше времето, тука градбите зборуваа за веселиот џагор на веселите чорбаџии кои секое утро ги отвараа своите ќепенци .
Виде како едно од децата црта нешто необично. Ги немаше истите контури како оние на старата чаршија и делуваше многу матно, но и со необичен сјај.
Отиде дома. Побара бел лист хартија. Сакаше да го нацрта она што го виде на цртежот. Се прашуваше од каде тој мал сликар добил инспирација.
Прецртуваше, правеше, постојано пред себе го гледаше тој цртеж кој ѝ остави толку голем впечаток. Мораше некаде да го најде својот уметнички израз и тогаш сфати дека тоа ќе го направи преку сликарството.
Црташе како дете, но престана да црта кога започна со школувањето зошто немаше доволно слободно време. Студираше право по желба на своите родители и беше на пракса кај еден познат адвокат.
Но, зошто мораше да ја избере оваа струка која ни малку не ѝ прилегаше? Нимаше ни трошка самоувереност од онаа што ја имаат адвокатите, ни трошка милозвучност како што го има во гласот на оние кои треба да ги претставува во ладните судници.
Имаше само чувство за склад и хармонија, онаа која ја имаат уметниците. Знаше да почувствува и камен и да здогледа некоја мала склуптура. Имаше вродено уметничко искуство кое не можеше да го објасни, само да го почувствува.
На цртежот сакаше да ја наслика таа сива градба која се прелеваше на силните сончеви зраци. Си помисли дека тој отсјај ќе го добие најдобро со водени боици.
Бараше водени боици насекаде низ станот, но каде ли се? Каде е тоа изгубено детство во кое го бараше својот отсјај?
Живееше со родителите и се уште мислеше дека детството не е изгубено. Но, сега се сети дека го беше изгубила во боиците.
„Каде ли се? Каде ли се?“
„Што си се растрчала и што претеруваш низ сите фиоки во станов?“ – ја наслуша мајка ѝ .
„Барам едни стари водени боици, кои знам дека ги чувам.“
„Ах, сигурно се исушиле или сме ги фрлиле одамна. “
„Не е можно, тие боици, тие боици се моето детство кое мора да го вратам.“ – се разлути Маријана, но знаеше дека мора да купи нови, боиците се сушат и овенуваат како и секое изгубено детство.
Отиде да купи.
Блиската книжарница нудеше се што потсетуваше на детство, на безгрижност. Таму го почуствува мирисот на боите, на хартијата која пленеше со својата убавина.
Почна да црта и сфати дика ништо не може да ја замени нејзината љубов кон сликањето. Сфати дека никогаш не сакала да стане правник, сфати дека никогаш нема да биде дел од студените судници каде ќе бара правда која никогаш нема да ја добие.
Како што сликаше почна да дознава дека го слика едно од поновите зданија на Битола, Стаклената зграда.
Тогаш разбра дека отсјајот на цртежот беше самиот сликар. Но, зошто сликарот сaкал да ја нацрта неа? Сите мали сликари ги пресликуваа старите зданија на Битола, а тој ја одбрал таа стаклена убавица. Сакал да биде различен, сакал да го види отсјајот на старата архитектура во таа стаклена убавина. И сигурно уживал во тоа.
Мора да чекори по нов пат во животот, сама, без поддршка од родители, без никого на светот. Реши да се предаде на сликањето колку и чудно тоа да звучеше. Реши да ужива во тоа што го прави, да не робува на она што ѝ беше наметнато.
Следниот ден истрча да го побара малиот сликар . Сакаше да ги види тие мали прсти кои цртаат толку прекрасно, кои прекрасно творат само она што го сакаат.
Втренчено го погледна и застана да се восхитува на неговиот нов цртеж. Малиот сликар засрамено ја наведна главата. Не знаеше која е таа девојка и зошто толку заинтересирано го гледа неговиот цртеж иако се случуваше често сите кои поминуваат да ги гледаат неговите цртежи.
Младоста и изгубените надежи може да ги повратат само детските очи и детската имагинација. Мирјана од тој ден почна да живее со срце и мисли на дете. Ја поврати својата детска имагинација и топлината на животот ја зграпчи со своите раце. И тоа не можеше да биде никако поинаку, ако не со сликарските бои со кои ги црташе толку чести детските очи од кои го доби својот нов живот.
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.