Skip to content

Творештвото и дејноста на Теофил Готје

Теофил Готје, бил француски поет, романописец, ликовен и литературен критичар, бил роден на 30 август 1811 г.

На 27 јуни 1829 година, Готје го среќава оној кој ќе стане негов литературен „учител“, Виктор Иго, кому му го претставуваат Жерар и Петрус Борел. Оваа случка ја забрзува неговата писателска кариера. На 25 февруари 1830 година, учествува во познатата „битка на Ернани“, облечен во црвен елек  што трајно ќе го обележи неговиот дух. Истата вечер, овој пасиониран „ернанист“ го напушта ателјето на Риу.

Најраните почетоци на Готје

Водејќи ги „сите големи романтичарски кампањи“, тој ја пишува својата прва стихозбирка чие издавање го финансира неговиот татко. Делото излегува во 1830 година и поминува потполно незабележано. Овие први песни сепак покажуваат еден млад многу вешт поет, освојувајќи го литературното наследство на неговите славни претходници. Сепак Готје покажува оригиналност со вродено чувство за форма и јасен и прецизен израз.

Готје продолжува да го посетува Виктор Иго и неговите блиски. Во овој литературен круг тој се запознава со Селестен Нантеј, кој три години подоцна, кога Готје повторно ќе ги печати своите први стихови, ќе ја илустрира неговата нова стихозбирка со „ултраексцентрична гравура“. Го среќава романтичниот издавач Ежен Рандиел, кој штотуку го објавил „Вечери на Валтер Скот“.

Во 1833 година во „Млади-Франција“ сочно пишува за животот на уметниците кои го чинат уметничкиот круг. Во ова „барокно“ дело, Готје е луциден и ироничен сведок на „скапоцените смешни на романтизмот“. Две години подоцна, исто така кај Рандиел го издава романот „Госпоѓица Мопен“ кој предизвикува вистински скандал.

Готје го напушта семејниот дом на плоштадот Вогези и се сели во еден пропаднат хотел, во близина на сегашниот плоштад Карусел, каде е сосед со Камиј Рожје, Арсен Усе и Жерар де Нервал. Апартманот го дели со Ежен Пио.

Почетоците на критичар и новелист

Оноре де Балзак, кој го цени неговиот младешки талент, го пратил Жил Сандо да му понуди да пишува за весникот „Ла кроник де Пари“. Готје тука издава новели како „Заљубената смрт“  и „Златниот синџир“ како и уметнички критики. Ќе биде многу импресиониран од „учителот“ и подоцна ќе придонесе за неговата легенда со биографските портрети на Оноре де Балзак.

Исто така работи за магазинот на Шарл Мало, „Ла Франс литерер“, и за дневникот Емил Жирарден, „Ла прес“. Во овој весник, Готје најпрво се ангажира со ликовна критика. Се проценува дека бројот на фељтони и статии кој ги редактирал за овој весник изнесува повеќе од две илјади. Одреден број од овие написи е собран во: „Гротески“ , „Историја на сликарите“, „Модерна уметност“, „Уметностите во Европа“, „Историја на драмската уметност во последните дваесет и пет години“, „Уметничките богатства на Русија“, „Современи портрети“, Историја на романтизмот, Книжевни спомени и др.

Сите овие статии се напишани со воодушевеност и радост на еден чист, течен, беспрекорен и блескав јазик. Готје создава свој стил на пишување на уметничка критика која не цели само на судот, на анализата, туку исто така цели да ја обнови исправноста на естетското чувство. Тој бара да го долови, со помош на зборови, визуелното и музичкото чувство предизвикано со директната перцепција на уметничкото дело. Оваа задача на хроничар го окупира целиот негов живот.

Творечките ангажмани

„Работел во „Ла прес“, во „Фигаро“, во „Ла карикатур“, во „Мизе де фамиј“, во „Реви де Пари“, во „Реви де де монд“, насекаде каде што тогаш се пишуваше.“ Често тешка, оваа секојдневна работа не го спречува да спортува (бокс и пловење) и да продолжи да твори поетски и драмски дела. Во 1838 година излегува „Комедијата на Смртта“, стихозбирка, доста различна од претходните каде под влијание на Вилијам Шекспир, Јохан Волфганг Гете и Данте Алигиери, Готје го ваја духот на Смртта.

Во 1839 година, Готје се оддава на искушение кон театарот, на кој отсекогаш му се восхитува, и ја пишува „Ѓаволска солза“, потоа „Маѓепсаниот трирог и „Посмртниот Пјеро“. Тие се фантазии, самовилски пасторали, лирски театар, невозможен и имагинарен, што тој го оживува во либретата на повеќе балети, од кои најпознат е „Жизела“, првпат одигран на 28 јуни 1841 година во париската Опера, со огромен успех.

Неговите патувања

На 5 мај 1840 година, Готје во друштво на Ежен Пио заминува за Шпанија која ја знае од „Раскази од Шпанија и Италија од Алфред Мисе и „Ориенталките“ од Виктор Иго. Неговото „Патување во Шпанија“ е еден вид на бележник на силни впечатоци, во кој е истакната свежината на погледот, изненадувањето на визијата и постојаната грижа за точноста на кажаното. Овие визии се вдахновение за нови стихови, „Еспања“, кои излегуваат во стихозбирката „Песни“ во 1845 година.

Ова прво патување брзо води до други. Во 1845 година е патувањето во Алжир, во 1850 во Италија, во 1852 во Грција и Турција, во 1858 во Русија и во 1869 година во Египет (дописник на Службен весник на Франција за отворањето на Суецкиот Канал).
Од секое од овие патувања произлегуваат публикации: „Италија“, „Константинопол“, кои потоа се основа за неговите книжевни дела, романи, новели или песни.

Многу заинтересиран во фотографијата, станува член на Хелиографското друштво во 1851 година.

Покрај работата на критичар која ја врши во „Монитер универсел“, Готје сè уште ја има склоноста кон поезијата: како што сведочат неговите пријатели, на пример Емил Бержера или Максим ди Кан, таа останува негова страст, негова забава, негова секојдневна вежба. Така, на 17 јули 1852 година, кога Готје е во Константинопол, излегува неговата прва верзија на „Глазури и камеи“, збирка која сè до 1872 година се збогатува со нови песни.

Средби со други писатели и значајни личности

Во книжевните салони на принцезата Матилда (назначен за нејзин библиотекар), Готје се среќава со некои писатели како Иполит Тен, Шарл Огистен Сент-Бев, Проспер Мериме, Гонкурови, како и одредени сликари како Пол Бодри, Гистав Буланже, Жан-Леон Жером, Фредерик О’Конел кој ќе му го наслика неговиот портрет во 1857 година. Се среќава со вајари како Жан-Батист Карпо, научници како Клод Бернар, Луј Пастер и Марселен Бертело. Во ова време Готје е водач на школата.

Бодлер се изјаснува како негов следбеник (му ја посветува „Цвеќињата на злото“, определувајќи го како „беспрекорен поет“). Теодор де Банвил му ги посветува своите стихови. Во 1844 година Теофил Готје го основа „клубот на хашишовците“ со Жак-Жозеф Моро, клуб посветен на проучување на канабисот. Овој клуб ќе го посетуваат бројни тогашни уметници, меѓу кои и Шарл Бодлер.

Во 1862 година бил избран за претседател на Националното уметничко друштво, чиј комитет е составен од најпрестижни сликари: Ежен Делакроа, Пјер Пиви де Шаван, Едуар Мане, Албер-Ернест Карје-Белез и Гистав Доре. Изборот на оваа позиција предизвикува завист кај помалку познатите книжевници заради што тој не успева да биде примен во Француската академија и покрај четирите кандидатури (во 1856, 1867, 1868 и 1869 година).

Длабоко потресен од воените случувања во 1870 година, Готје се враќа во Париз, каде ги поминува своите последни дни, нагризен од болеста, но свесен за задачата за образование и за пример што ја имаше за младите генерации.

На 23 октомври 1872 година, ноќта, неговото срце престанува да бие. Виктор Иго, Стефан Маларме и Теодор де Банвил му држат последна „погребна здравица“. Закопан е на гробиштата Монмартр во Париз.

Романи

Готје напишал осум романи, сите објавени додека бил жив:

Госпоѓица де Мопен. Двојна љубов (1835)

Елдорадо, кој многу брзо станал Фортунио (1837-1838)

Милитона (1847)

Невините пријатели (1847)

Двете ѕвезди (1848), кој станал Квадратен дел (1851), и, на крајот Убавата Жени (1865)

Жан и Жанет (1850)

Роман за мумијата (1858)

Капетанот Фракас (1863)

Раскази и новели

Готје напишал триесетина раскази и новели, повеќето биле во доменот на фантазијата. Следниве новели излегле во „Млади-Франција“ во 1833 година:

Под масата

Онифриус или измислените неволји на еден обожавател на Хофман

Даниел Жовар

Оваа и онаа

Елијас Вилдманстадиус

Купа со пунч

Готје напишал и повеќе биографии на композитори, други разни дела, книги со поезија, патописи и критики, како и театарски дела.

Напишете коментар