Skip to content

Алармантно или не? Уште е во тек битката во која учествува цел свет

Битката што ја почнавме на почетокот на месец март сè уште трае. Бројките што ги читаме и гледаме секојдневно не се воопшто ветувачки. Без оглед дали е таа баш точната бројка (или приближна) на заболени и починати пациенти ситуацијата според мене е алармантна. Исто така и загрижувачка. Под ова не мислам дека треба да се крева паника, или да се преземат најстроги мерки. Туку луѓето да ја однесат сопствената одговорност до највисоката точка.

Дали во изминативе месеци уште не сфативме дека од нас зависи ширењето и распространетоста на вирусот? Со несовесно сокривање на контакти со кои некои позитивни биле во непосредна близина, поради одредени причини. Преку незнаење дека некој е носител на секвенцата од вирусот и истиот го шири ненамерно. Сè до намерно тестирање за да се стават во изолација за да не одат две недели на работа.

Зарем и оваа ситуација ќе се искористува на нефер начин за себично однесување и негрижа кон другите? Не знам на кој начин би се подигнала колективната општествена свест, еве размислувам веќе некое време. Не помагаат ниту статуси и фотографии кои  се објавувани од министерот за здравство, а ниту препораки преку телевизиски кампањи. Заплашувањето можеби би помогнало до одредена мера, но не е етички начин за подигање јавна свест.

Прашање за чијшто одговор не сум сигурна

Ми се поставува прашање дали овој народ се плаши од нешто? Народ кој верува во теории на заговор, за штетните ефекти од 5џи мрежа и го негира постоењето на ковидот. Дел од луѓето што го сочинуваат овој народ, на официјалните фејсбук соопштенија за состојбата околу пациентите, си земаат за право да се шегуваат и да коментираат тотално непотребно и офтопик.

Драги шегаџии, знаеме дека сакате да бидете интересни, да разбиете монотонија од сериозни теми, но и да привлечете внимание кон себе. Ве замолувам правете го тоа во сериџиските групи, и во соодветни форумски теми каде што им е местото на таквите коментари. Навистина јавна страна од министер не е баш најсоодветно место за шегаџиски мислења, посебно за таквите кои немаат допирна точка со самата објава. Делувате крајно несериозно, и како да негирате сè што некој се потрудил да подготви и да презентира.

Алармантно е или не ова што се случува во моментов?

Дел од луѓето се плашеа уште кога на дневна основа бројката на заразени беше двоцифрена. Сега бројката достига три цифри, и се врти околу петстотини (некогаш повеќе од ова, некогаш помалку) позитивни на дневна основа. Мене ми е загрижувачко ова, но не значи дека ќе престанам да се справувам како што знам и умеам. Многу луѓе си заминаа прерано поради заразниот вирус, очекувано било дека ќе има загубени животи, но како да им се даде утеха на сите што загубиле некој во овие кризни (не)времиња?

Утехата верувам ќе ја пронајдат самите, и ќе бидат силни поради оние најблиските што се помеѓу нив. Сакам да можев да напишам колумна која ќе гласи дека „Ковид-19 конечно е победен“, но изгледа дека во тек е вториот бран што го најавуваа уште во април месец. Можеби е во тек и третиот, следам што се случува во светот (отприлика) и не ме радуваат случувањата.

Во Германија чинам до скоро имаше повторно карантин, во Франција веќе е воведен полициски час на одредена територија. Во Данска исто така стапени се на сила новите рестриктивни мерки меѓу кои и воведен полициски час. Не ми е поентата дека и ние треба да го следиме нивниот пример, но дали ќе ни преостане нешто друго?

Здравјето не смее да се земе здраво за готово

Бидејќи не се почитуваат целосно препораките никаде во земјава, не е исклучена можноста набрзо и нас да ни воведат полициски час. Но дали тоа ќе биде решението барем за смалување на бројот на заразени, навистина не би знаела да кажам. Знам само дека посакувам успешно справување со кризата (економска и здравствена), и истото тоа ќе потрае подолго. На сите заразени им посакувам најлесно и најбрзо оздравување. Останатите чувајте се, и бидете совесни, за здравје се работи.

Ако нешто не би смеело да се земе здраво за готово, тоа е токму нашето здравје. Од него нема поважно, и секогаш приоритетот треба да е ставен на него, а не само во моменти кога ќе го изгубиме. Времето што минува не можеме да го вратиме, како што не можеме да ги вратиме сите жртви на оваа подмолна болест.

Но затоа можеме да се бориме заеднички и сплотени да ја продолжиме битката. Ова е војна без вистински војници, и без вистинско оружје. Војна во која секој човек е важен, и борец сам по себе. Оружјето што ни треба во моментов е трпение, висока ментална енергија, сила, одговорност и истрајност. Како и одредена доза на оптимизам, за да не западнеме во канџите на друга пак ментална состојба, која знае да биде немилосрдна.

Останете во добро здравје, и чувајте се. До следно!

Н.Н

Напишете коментар