Живееме во свет во кој секојдневно се случуваат технолошки пронајдоци, а времето и развојот се брзи како никогаш претходно. Родителите денес многу повеќе се соочуваат со стравот од тоа дали нивните деца ќе пораснат во добри луѓе, особено затоа што имаат сè помалку време за своите најмили. Таблетите и мобилните телефони одамна ги заменија сликовниците и бајките. Но дали тоа е правилно, кога станува збор за вашите најмили?
Она што и ден денес е актуелно во целиот свет се бајките на браќата Грим. Сигурно се прашувате што е она што ги прави овие бајки безвременски? Иако времето во кое се пишувани бајките се сменило, она што останало исто и ден денес се етичките вредности кои се кријат во истите. Во нив главните ликови најчесто се децата или младите, што ги прави впечатливи за младите читатели. Бајките се едноставни кога е прашање доброто и лошото. Точно се знае што е добро и правилно, а што е лошо и неправилно. Првото издание било со богати илустрации и содржело 207 бајки.
Творечката дејност на браќата Грим им одзела десет години од животот, но исто така им подарила и бесмртност. На читателите им се дава можност постојано да прават избор, да ги анализираат постапките на ликовите, да уживаат во најубавите бајки и преку нив да ги учат најубавите особини.
Доколку сè уште се двоумите дали е подобро да му дадете таблет или играчка на детето за да се смири, време е да престанете. Нурнете го детето во светот на бајките на браќата Грим. Заедно со бајките развивајте ги неговите мечти и фантазии. Доловете му ја пораката на приказната. Низ процесот на читање детето ќе има можност само да увиди што е правилно, а што не. На крајот на краиштата доброто победува во секоја бајка.
Прочитајте и како децата со помош на родителите ја развиваат љубовта кон читањето!
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.