Со октомври сум емотивно поврзана од повеќе причини. Го сакам овој есенски месец кој буди инспирација. Златно жолтеникавата боја на паднатите лисја и крцкавиот звук што го испуштаат истите е привилегија да се доживее. Секој чекор води до нова дестинација, без оглед дали одот е забрзан, нормален или забавен. Трката со времето во есен запира. Во овој месец се помирувам дека тоа ќе биде вечен победник.
Се трудам да го организирам убаво и внимателно како тазе мајка што ги дипли уредно чорапчињата од штотуку роденото бебе. Ги диплам своите емоции во најдлабокиот куфер, ги редам по боја, должина, интензитет и сезона. Со жолта ми се топлите, среќните и убавите спомени. Со црвено се обоени болните, крвави чувства на кои им дозволувам да ме зајакнат. Плава боја имаат индиферентните емоции, оние ладните, што ме тераат да се повлечам и да градам ѕидови. Од нив куферот почнува најмногу да се полни.
Емоции како река
Кафеавата е резервирана за силните емоции, најчесто за есен и месец октомври. Посебна преграда имам за него во длабокиот куфер. Инспирацијата лежи здиплена заедно со нив, правејќи им друштво на останатите бои. Шаренило од нив се случува речиси секојдневно. Некогаш преовладува жолтата, некогаш црвената. Но никогаш не бегам од нив, ниту ги елиминирам присилно. Ги оставам да течат како Сена што се влева во Ламанш. Целосното течение им е непознато, но накрај или се претвораат во зборови или пливаат во воздухот додека не се издишат целосно.
Некогаш товарот е претежок, без оглед колку уредено е подреден. Знае да тежи и кога е до пола наполнет. А знае и да биде лесен кога ги прифаќаме чувствата какви што се, и дозволувам истите да протечат низ мене. Баш исто како река. Се споредувам со текот на водата. Од мене течат моите мисли по хартијава, како водата по речното корито. Преку мислите ги изразувам внатрешните чувства. Тие пак како камења се мешаат во бистрата вода, некогаш и ми ја заматуваат. Течам како река, чиешто место на слевање сè уште не ми е познато.
Н.Н
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.