Една љубов во Охрид…
ја паметам,
на стариот покрив во стариот град,
во еден мрак,
светли очи твои светнаа,
слепи мои очи прогледаа.
Една љубов во Охрид дамнешна,
душава ми ја искина,
срцево ми го распара,
сама со себе ме закара.
Ме натера да умрам и повторно да се родам,
да плачам, да молам, да колнам.
Вечно душава да си ја дадам,
никогаш веќе да не засакам.
Никогаш веќе мирно да не заспијам,
никогаш веќе од други усни да не пијам,
никогаш веќе во друга прегратка да се свијам,
никогаш да не заборавам,
цел живот да молчам и да кријам.
Една љубов во Охрид крај езеро,
ко плима ме повлече,
до гола кожа ме слече,
“Те љубам ко поезија.” тивко рече
и ме изгоре, ме оцрта со жиг врел и вечен,
лузна ми остави, дур душава постои да пече.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.