Александра Потер е родена во Англија, во 1970 година. Дипломирала на отсек Англиска литература и Филмски студии на универзитетот во Ливерпул.
Творештвото на оваа авторка изобилува со ведрина и ситни секојдневни ситуации кои ги испреплетуваат животите на ликовите. Главните ликови, кои најчесто се девојки, се претставени низ една позитивна призма. Тоа се всушност луѓе кои се справуваат со секојдневните предизвици, понекогаш дури и на комичен начин. Ние ќе издвоиме неколку книги кои ќе го подобрат расположението на секоја девојка, дури и во тмурните есенски денови.
„Внимавај што посакуваш“
Пораката на книгата е сокриена во самиот наслов “Внимавај што посакуваш, можеби ќе ти се оствари“. Хероината на книгата, Хедер Хамилтон, има мал грст секојдневни, вообичаени желби. Таа не мечтае за мир во светот или за кариера како модел, туку мали и ситни желби кои секојдневно ѝ паѓаат на ум. Со среќата која ја прати низ животот, свесна е дека дури ниту таквите желби можеби нема да ѝ се остварат, сè додека еден ден не купи гранче за среќа од случаен минувач. Сраќата на Хедер се менува од корен.
Згоден Американец се јавува на нејзиниот оглас за цимер. Почнува да се забавува со Џејмс – совршен маж, кој е одличен во кревет, постојано ѝ праќа цвеќиња и нема страв од тоа да ѝ изјави љубов. Но дали остварувањето на сите желби е благослов или клетва? Дали навистина сме посреќни откако ќе ни се остварат желбите?
Во оваа комедија авторката открива како би изгледал животот ако ни се остварат сите желби.
„Која е таа девојка?“
Замислете да ја сретнете помладата верзија од себе си. Дали би ја препознале? Што би и кажале? Дали да се мачка со крем со заштитен фактор или да не му даде телефонски број на тој идиот?
Шарлот Мериведер не треба многу да мечтае. Низ страниците на книгата сама ќе ја открие вистината со изненадувачки последици. Ова е една забавна приказна за необичниот поглед врз животот и љубовта.
Во оваа книга авторката го актуелизира прашањето: Што би било, ако можеме да патуваме низ времето?
„Ти не си тој којшто го посакувам“
Како знаете дека тој е вистинскиот? Дали имате пеперутки во стомакот кога ќе го видите? Или едноставно знаете дека тоа е тој?
Кога Луси првпат го среќава Нејт во Венеција знае дека тоа е ТОЈ. Одвеани од виорот на вистинската љубов ќе се бакнат под Мостот на воздишките затоа што, според легендите, така засекогаш ќе останат врзани еден за друг. Меѓутоа, откако летото ќе заврши Нејт ќе се врати во Америка, а Луси во Англија. Нивната љубов полека ја губи силата, но ќе се срќаваат одново и одново и одново. Но, што ако Нејт не е вистинскиот? Зошто тогаш на Луси ѝ е тешко да раскине со него?
Во оваа духовита и магична приказна авторката открива што се случува кога сонот на секоја жена – да се најде вистинскиот – станува реалност.
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.