Занимливости и информации Сликарство Современа уметност Уметност

Анри Матис, претставник на модерното европско сликарство

Анри Матис (13 декември 1869 – Ница, 3 ноември 1954) бил француски сликар и вајар. Почнал како фовист, експериментирал со поeнтилизмот но со време станал попрефинет и сликал со богат колорит, за на крајот да заврши со чиста декоративност и личен стил на колажни форми по кој станал препознатлив. Силно влијаел врз модерното европско сликарство и заедно со Пикасо е еден од главните негови претставници.

Интензивната разнобојност во неговите слики во периодот од 1900 до 1905 година придонела да се вбројува како еден од фовистите (диви ѕверови). Многу од неговите најпознати дела биле создадени во оваа декада или по 1906 година, кога развил строг стил кој ги нагласувал зарамнетите форми и украсните шари. Во 1917 година, Матис се преселил во населба на Ница крај францускиот брег на Средоземното Море, а полабавиот стил во неговите дела во 1920-тите му го донел статусот на издигнувач на класичната традиција во француското сликарство.

По 1930 година, применувал изразено поедноставување на формите во неговите дела. Кога неговото здравје било кревко во последните години од животот, создал значајни дела со примена на хартиени парчиња колаж.
Неговото мајсторство коешто е прикажано во дела создадени во период подолг од половина век му оддало признание за водечка личност во современата уметност.

Фовизам

Фовизмот како стил започнал околу 1900 година. Движењето како такво траело само неколку години, 1904-1908, и имало три изложби.

Откако ја видел големата изложба на исламската уметност во Минхен во 1910, бил два месеци во Шпанија проучувајќи ја уметноста на Маврите. Тој го посетил Мароко во 1912 година, а потоа и во 1913. Додека сликал во Тангер направил неколку промени во своето творештво, вклучително и користењето на црната како боја.

Влијанието на уметноста на Матис била нова храброст во користење интензивна, немодулирана боја како во делото Црвеното атеље (1911). Матис имал долга соработка со рускиот уметнички колекционер Сергеј Штукин. Тој го создал едното од неговите најзначајни дела Танцот специјално за Штукин. Второто за него било делото Музика, 1910. Една постара верзија на Танцот (1909) е дел од колекцијата на Музејот на модерната уметност во Њујорк.

Музејот на Матис во Ница
Средба помеѓу Пикасо и Матис, нивното ривалство и покровителите

Околу април 1906 година тој се запознал со Пабло Пикасо, кој бил 11 години помлад од Матис. Двајцата станале долгогодишни пријатели, но и ривали кои често се споредуваат. Клучната разлика помеѓу нив е дека Матис цртал и сликал од природата, додека Пикасо е многу повеќе склон да работи според имагинацијата. Темите кои се насликани најчесто од страна на двајцата уметници биле жени и мртва природа. Матис и Пикасо за првпат се сретнале во салонот на Гертруда Штајн и нејзиниот придружник Алис Б. Токлас.

Во тек на првата декада на 20 век, Американците во Париз, Гертруда Штајн, нејзините браќа Лео Штајн, Мајкл Шајн и жената на Мајкл, Сара биле значајни колекционери и покровители на сликарството на Матис. Освен нив, американските пријателки на Гертруда од Балтимор, Кларибел и Ета Кон, познати како станале главни покровителки на делата на Матис и на Пикасо, собирајќи стотици нивни слики и цртежи. Колекцијата Кон денес е изложена во Уметничкиот музеј во Балтимор.

Голем број уметници го посетувале салонот на Штајн, но многу од тие уметници немале среќа нивните слики да бидат закачени ѕидовите во улицата Флерис, бр. 27 во Париз. Додека делата на Реноар, Сезан, Матис и Пикасо доминирале во колекцијата на Лео и Гертруда Штајн, во колекцијата на Сара Штајн особено бил застапен Матис.

Музејот Матис во Ле Като
Собири на уметниците во салонот во саботните вечери

Современици на Лео и Гертруда Штајн, Матис и Пикасо станале дел од нивниот социјален круг и вообичаено биле дел од саботните вечери во салонот кога се собирале уметниците. Гертруда Штајн за почетокот на ваквите собирања рекла:
Сѐ почесто и почесто, луѓето почнуваа да доаѓаат за да ги видат сликите на Матис—и оние на Сезан: Матис донесе луѓе, секој носеше по некој, и тие доаѓаа во секое време и тоа почна да станува непријатно, и на тој начин, започнаа саботните вечери“.

Меѓу познаниците на Пабло Пикасо кои исто така го посетувале салонот во сабота навечер биле: Фернанда Оливје (љубовницата на Пикасо), Жорж Брак, Андре Дерен, поетите Макс Жакоб и Гијом Аполинер, Мари Лоренсен (љубовницата на Аполинер и самопрогласен уметник) и Анри Русо. Неговите пријатели ја организирале и финансирале Академијата Матис во Париз, приватно и некомерцијално училиште во кое Матис подучувал млади уметници.

Престој во Мароко и создавање

Академијата работела од 1907 до 1911 година на иницијатива која потекнала од Штајнови и редовните гости на Кафе Ле Дом, вклучително и Ханс Пурман, Патрик Анри Брус и Сара Штајн. Матис поминал седум месеци во Мароко од 1912 до 1913 година, изработувајќи околу 24 слики и бројни цртежи. Неговите чести ориентални теми на подоцнежните слики, како што се одалиските, се должат на овој период.

Тој се преселил во Ванс во 1943 година, каде што го изработил првиот колажен труд, илустрациите за неговата книга со наслов Џез. Сепак, овие исечоци биле замислени како дизајн за книгата а не како независни ликовни творби. Во тој момент, Матис сè уште мислел дека колажите се надвор од неговата главна форма на уметност. Неговото ново разбирање на овој израз се случува во воведот за Џез во 1946.

По сумирањето на неговата кариера, Матис зборува за можностите што ги нуди колажот инсистирајќи на следново:
Уметникот никогаш не смее да биде затвореник на себеси, затвореник на некаков стил, затвореник на некаква репутација, затвореник на некаков успех…“

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје