Есеи Литература Проза

Најлошата песна во светот

Можеби вие не ме познавате мене. Можеби го знаете моето име, мојот број или пак местото во кое живеам. Можеби сте само обични патници, професори или пак уметници или можеби пак ова и не е толку битно. Можеби тука е клучниот збор, па затоа дозволете ми да го употребам и по петти пат. Можеби јас постојам само за да ја раскажам оваа приказна, а можеби вие сте тука само за да ја прочитате. Приказната e постара и од оваа наша татковина , а нејзината цел е да се објасни најлошата песна во светот.

Најлошата песна во светот? Хммм …Tоа е тема за разговор. Горка тема што не започнува со си било еднаш  како сите останати приказни и не завршува со среќен крај, впрочем воопшто и не завршува туку само се врти во круг, секогаш во иста насока , но околу друга орбита.  Кога зборуваме за самата песна од искуство можам да кажам дека таа е неописива и контрадикторна на самата себеси. Нејзината мелодија влева храброст и поттикнува на борба, но нејзините стихови влеваат страв и срам и додека инструменталот поттикнува гласно говорење на вистината, аудио верзијата со текст поттикнува лажлив молк.

Најлошата песна во светот не припаѓа на еден композитор. Таа е на детето, на другиот крај на светот кое во искината облека стуткано во ќошот плаче додека слуша како куршуми летаат кон неговиот дом. Таа е вткаена внатре во неговите солзи додека стои над телото на својот постар брат чие невино лице предизвикало сомнеж кај луѓето со зелени униформи. Не, најлошата песна во светот нема единствен текстописец. Таа е и негова.

На момчето кое во јули под ракавите на долгите џемпери ги крие модринките, кое во гимназијата е познато како тивкото момче со слушалките, слабакот што никогаш не се тепа. Момчето на кое кога ќе земе пенкало во рацете тие му се тресат.

Кај професорите познат е и како ученикот кој никогаш  ја нема научено последната лекција. Ученикот што пелтечи кога зборува и раскажува само затоа што не знае што да каже. Но, познато е и дека секогаш носи една истуткана тетратка со себе и со треперливи раце постојано во неа нешто запишува. Да, тој е еден од  текстописците кој ја прегрнува најлошата песна во светот оној момент кога ќе стигне дома. Кога ќе му биде говорено дека не вреди ништо. Кога ќе мора да сокрие нови модринки, кога ќе застане пред огледало и со малото џебно ноженце ќе почне да се казнува себеси за својата безвредност. По рацете. По нозете. По местата каде што парчето облека ќе успее да ги сокрие лузните. Од емоционални преминати во физички.

И тогаш истутканата тетратка ќе му падне, затоа што ножето навлегло подлабоко, а рацете повторно почнале да му се тресат и тогаш, на бело-црвените листови на тетратката ќе можеме да го прочитаме рефренот на најлошата песна во светот чија мелодија како онаа на “Боемската Рапсодија”  одекнува сè до средното училиште каде што се тие двајца кои со болката од забранетата љубов ги довршуваат крвавите реченици во истутканата тетратка.

Тој на еден начин, а таа пак на друг и потоа за нив, со солзите пролеани навечер додека ја прегрнуваат перницата. Посакувајќи да се еден до друг го режираат спотот за најлошата песна во светот. Толкувањето на најлошата песна, на спотот е нејзино. На онаа која со златножолтите прамени ги крие зелените очи обидувајќи се да сокрие дел од себе. Можеби и ќе успее во тоа, пеејќи ги грдите стихови на оваа одвратна песна.

И така стотици, илјадници, милиони луѓе ја создаваат најлошата песна во светот за чија промоција сум одговорна јас и неколку мои пријатели. Стиховите ги претворам во проза, ритамот во чувства, а спотот во приказна која можеби само можеби ќе може да го промени текот на орбитата.

 Уште од почетокот кажав дека зборот можеби е клучен, па затоа дозволете ми да ја објаснам мојата опсесија со него. Со овој збор започнува најлошата песна во светот.

“Можеби ако им кажам јас ќе го остават брат ми на мир. “

“Можеби заслужувам да бидам казнет.”

“Можеби ако одрекувам чувствата ќе поминат.”

“Можеби ќе успеам да се променам.”

“Можеби ќе успеам нешто да променам.”

Тоа драги мои е најлошата песна во светот. Размислете, можеби само можеби и вие сте придонеле за да се напише.

                                                                                                                                                          (Извадок од збирката “Средношколски размислувања 2” – збирка есеи)

 

Автор: Анастасија Лефкоска

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје