Занимливости и информации Културни настани Литература Македонска поезија Поезија

Јапонски поетски форми на литературната работилница „Креативно пишување“ 2020

На литературната работилница „Креативно пишување“ чијшто предавач и ментор беше Марина Мијаковска учесниците имаа можност да научат нешто повеќе за јапонските поетски форми. Се одржа во ЈУ Дом „Кочо Рацин“ и накрај беа доделени благодарници.

Успешно одржаните предавања, комуникацијата и трудот на авторите (кои беа во поголем број оваа година) допринесоа до плодна творечка активност. Имено, на работилницата учествуваа и афирмирани, неафирмирани автори, но и средношколци и студенти кои покажаа интерес да бидат дел од неа.

Во продолжение го споделуваме изборот на јапонски поетски форми од учесниците што го направи Марина Мијаковска.

Ана Љубиќ

Дете

А за своето
Боли ко нокт од месо да откорнеш,
Како цреша без корен да остане.
За своето и низ пекол ќе поминеш
Само да си со своето дете.

*

Во мене не згасна
Често ноќе се буди
Пред спиење секакви
Метафори ми нуди.
Ова дете, дете во мене .

*

Од таму некаде
Гласови бијат
Ветерот ги носи,
Старите волци на планина ширна
Не спијат, вијат.

Никола Сарајлија

*

прозорецот мал
далечини скратува
толку блиску сме
марина низ песната
чиста љубов дарува

*

лудо играме
коцката е фрлена
војна ил’ љубов
без здив остануваме
страста до бесвест боли

Ана Софеска

Утринска песна
Нов глас далеку вика
Лажна тревога
Ланецот те притиска
А крајот не се гледа.

*

Семејство

Рој од пчели
Без другиот си ништо
Беспомошен плен
Слепа, посебна подршка
Се купува никаде.

*

Маскиран ангел
Ангел во очи мои
Ранлив, чист, моќен.
Неочекуван поглед
Душа што не умира.

 *

Мислев да купам
За повредена душа
Моќен напиток
Соништа се реалност
Каде двајца се едно

*

Скапоцен камен
Во рацете на див ѕвер
Со очајна жед
Нов посакуван сон е
Бесконечна слобода.

*

Излета пчела
Жива како желба
Мала како трн.

*

Тажна реалност
Сон за бесмртност
А никој не живее

Моника Ефтимова

Проѕирните се
ако нека нè врне
и заедно сме

*

Тивки шумови
жолто е насекаде
боени лисја

*

Мојот прв другар,
го препознав во сонот
тој Гоце Делчев

Симона Георгиева

Чекав, копнеев
само да почувствувам,
те посакував,
желбата не гаснеше,
за бакнежот твој дишев.

Бакнежот нежен,
тој долгоочекуван,
го почувствував,
страстен и неодолив,
среќна сум, се заљубив.

Андреј Јанков

Ќе изгори
од љубов
ова срце
што скршено пати
и собира небесна душа.

Во солзата
што се лее
пронајди ја љубовта
тивка е
кревка и мила.

Весна Трајковска

новоцвет бел
неотворен, попарен
зарод заледен

подлисјен орев
засолнета подлушпа
зимска торта

лет на пчела
допир разлебден, нежен.
октомвриски бал

*

бесптицно гнездо
изорани корени
твори есента

Наталија Наумовска

Крај на почеток
Дождови во душава
Во ново изгрејсонце.

*

Лисја паднаа
Крцкави чекорите
Патот до бескрај.

*

Пеперутка сум
Небото не е пречка
Бев гасеница.

*

Часовник чука
Возот е на шините
Авион слета.

*

Миг на нежности
Еден час е секунда
Срцата бијат
Во ритамот на љубов
Приказна што нема крај.

Марина Гоцевска

*

Кокиче во снегот
Птицата брзо лета
Врати се

*

Верувам во вистината
Кога ќе ја видам
Полноќната насмевка
На месечината
Прегрната со сонцето

Маја Дојчинова Малиновска

Алов пупок
Се расцветала булка
Но нема мирис.

*

Затворен умов
Во екран светол стана
Мрачен лавиринт.

*

Затвореноста
На телата е проблем
И на душите.

Марина Додевска

Eсенски лисја
сведоци на мојата
невозвратена љубов.

*

Крупни снегулки
танцуваат во ноќта,
публика нема.

Мајка

За тебе ќе ја напишам и најдолгата песна,
но и тоа нема да биде доволно,
да ти кажам колку си ми важна
и колку ми значиш,
мајко моја, хероју мој.

Дете
Девет месеци си ми в стомак,
цел живот те мислам,
се грижам за тебе,
ти си мое дете,
ти си моето сè.

Бог ми се смее
со ѓаволот другарувам
со ангелот војувам.

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје