Августин Ог Мандино е американски писател и автор на повеќе литературни дела од типот на самопомош. Роден е во 1923 година, а починал во 1996 година. Неговите книги се преведени на повеќе од 25 јазици, а ние ќе издвоиме неколку негови книги кои треба да се најдат на сечија полица.
„Најголемиот трговец на светот“ I и II дел
Сите ние сме трговци, безразлика на нашата професија, а нашта стока сме ние самите. За да стекнеме вистински спокој и да доживееме вистинска среќа треба да се продадеме самите на себе си. Во ова дело Ог Мандино ни открива како да постигнеме и да станеме најдобри трговци на светот.
“Не сум дошол на овој свет за да бидам поразен, ниту неуспехот тече низ моите вени. Јас не сум овца која го чека својот стопан. Јас сум лав кој одбива да зборува, да чекори и да спие со овците. Ќе истрпам се додека не успеам.“
„Најголемото чудо на светот“
Мистична приказна која може да ви промени животот…
“Најголемото чудо на светот“ е книга во која се запишани вистинските искуства на авторот и запознавањето со фасцинантиот Сајмон Потер. Ова познанство, кое прераснува во вистинско пријателство, целосно му го променува животот. Потер бил љубезен и мудар човек кој им помагал на луѓето да ја откријаат својата вредност и можностите кои им ги дава животот.
Покрај одличните идеи кои ги споделува со Ог Мандино, Сајмон му го поклонува највредното нешто што го има – Божијот меморандум, збир на генијални правила, кои Ог Мандино најпрво треба да ги примени врз себе си, а потоа и да ги сподели и со читателите, како што и направил.
Прифатете ги овие совети и вежбајте ги секојдневно по неколку минути. Ќе ви дадат сила да го подобрите вашиот живот.
„Најголемата тајна на светот“
Во оваа книга, која изобилува со нежност, Ог Мандино ја споделува мудроста на својот стар пријател со милиони читатели. Тоа е едноставна шема за успешност, која на многу едноставен јазик објаснува што би требало да правиме за да се искачиме на врвот од нашата животна патека. Без разлика за што сонувате, Ог и Сајмон ќе ви покажат како да се доближите до вашиот сон и да го остварите. Соништата уште денес можат да се претворат во јаве.
Во “Најголемата тајна на светот“ уживаме во дружењето со Сајмон Потер, мудар и скромен човек. Стануваме наследници на неговото најголемо богатство. По смртта, Сајмон, на својот пријател Мандино му остана нешто многу драгоцено: мудроста. Во книгата е претставена вистинска шема на успешност, која на едноставен јазик ни објаснува што треба да направиме за да се искачиме на врвот.
Доколку ви е потребна мотивација, книгите на Ог Мандино може да ви помогнат да се мотивирате. Дури и да се чувствувате доволно мотивирани, парче мудрост никогаш не е на одмет.
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.