Во текот на овој мој досегашен престој на овој свет, низ сенката на неговите години, сфатив дека постојат два типа на луѓе што го надополнуваат истиот. Едните се таканаречени реалисти кои ја почитуваат реалноста онаква каква што наизглед се претставува, не обидувајќи се да ја сменат. Другите пак, сонувачи чија задача е да внесат малку шаренило и магија во сивата боја на обичната реалност која секојдневно нè опкружува.
Сонувачите се луѓе кои веруваат во чуда, во добри вили, во искрена, во вистинска љубов и магија која ја изкажуваат преку пишаниот збор, Да! Сонувачите се сите оние писатели, поети, уметници кои со својата работа ни покажуваат еден поинаков свет. Свет во кој еден заборавен чевел може да значи среќен крај на вашиот тажен почеток и среќен почеток на вашиот среќен крај. Свет во кој “Една летна вечер на Јадранот” може да се заврши со милијарда насмевки. Свет во кој вашата љубов доаѓа и ве буди од длабокиот сон. Патувате во свет во кој една топла шолја чај, една снежна зимска вечер и една добра книга можат да се претворат во безброј авантури кои водат некаде далеку. Некаде каде што сè е поинаку. Некаде каде што пишаниот збор е реалност.
Каде што истиот и живее и ги исполнува срцата на сите негови читатели и им остава по еден пар “oчи”со кои ќе можат сивилото да го претворат во шаренило, тагата во среќа а среќата во вечност. Сонувачите, писателите, поетите заедно со својот пишан збор, со својот состав, стих, со својата приказна се еднинствените кои можат да ни го подарат овој магичен поглед низ очите на литературата со кој ќе можеме да ги изоставиме сивилото и тагата и да се привиеме до сјајните зраци на месечината, топлите зраци на сонцето и охрабрувачките зраци на шаренилото на сопствената имагинација.
Размислувања од 17.12.2014-та
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.