Велес како урбана населба датира уште од 168 година п.н.е. Првичните стари антички населби биле источно од градот во однос на денешната положба на градот. Со подоцнежното населување на Словените, градот бил сместен на денешната положба и го добил денешното име – Велес.
Во текот на историјата градот често го менувал името, па така бил познат како Вила Зора, Ќупурли, Титов Велес и Велес. Денешното име го добил во VII век со доаѓањето на Словените на Балканот, од словенското В ЛЕС што значи „в шума“, име кое било дадено поради густите шуми што го опкружувале градот. Но некои слависти сметаат поради голите тревнати ридишта и реката Вардар местото го населувале сточари чиј словенски бог на стадата бил Велес.
Кој бил богот Велес?
Велес или Волос е главен словенски бог на земјата, облаците, водите и на подземниот свет. Поврзан со змеевите, добитокот, магијата, музиката, богатството и измамата. Тој е и противник на Перун громовникот и битката помеѓу нив двајцата го сочинува еден од најважните митови во словенската митологија. Никакви изворни описи не се преживеани, но според реконструкциите е замислен (барем делумно) како голема змија, со рогови (од бик или некое друго припитомено тревопасно животно) и со долга брада.
Словенски бог обожуван од јужните Словени
Велес е еден од неколкуте богови за кој има докази дека бил обожуван од страна на сите словенски народи. Тој се споменува во Несторовата хроника неколкупати под името Волос. Исто така, се споменува во мировниот договор од 10 век помеѓу Русите и Византијците, заедно со Перун. Тука Велес е спомнат како бог на стадата и селаните, кој ги казнува оние кои ги кршат заклетвите со болести, додека Перун казнува со војна.
Статуата на Велес е една од седумте кои Владимир I ги подигнал во Киев. Но, оваа статуа не стои на ридот заедно со другите, туку долу среде киевскиот пазар. Според ова, Велес е бог и на трговијата, но, исто така, тој е бог на ниското земјиште, додека ридот е местото на неговиот непријател Перун. Нивните храмови и идоли секогаш стоеле одвоени, Перуновиот на високо, а Велесовиот на ниско.
Велес бил важен и за јужните Словени. Градот Велес го добил името по овој бог. Интересен е фактот дека над Велес постои рид кој го носи името на Илија громовникот, кој бил христијанската замена за Перун. Овој тренд може да се забележи и во хрватскиот град Волоско, кој е изграден под врвот Перун на планината Учка. Кај западните Словени Велес се појавува во чешки списи од 15 век, но неговото име означувало или змеј или ѓавол.
Прочитајте го и Митот за Херакле, потеклото на името и задачите
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.