Петок 13-ти, суеверните го сметаат за несреќен или баксузен ден. Сите ја знаеме репутацијата на овој датум, нели? Несреќи, малерозни случки, страв и трепет кај посуеверните, итн. итн. Но, дали знаеме од каде доаѓа идејата за несреќа на оваа комбинација?
12 – ка како среќна бројка во религиите.
Познато е во Христијанската религија дека на тајната вечера, ноќта кога Исус е предаден присуствувале тринаесет апостоли. На крајот од вечерта едниот од нив (Јуда) го предава Исус и со тоа го започнува ланецот на случувања што на крај водат до воскресението. По предавството остануваат дванаесет апостоли, а тринаестиот е исфрлен како предавник. Ова е едната теорија за малерозната репутација на бројот тринаесет.
– Во Шиитскиот Ислам има дванаесет наследници по смртта на Мухамед.
– Во Јудаизмот се дванаесте племиња на Израел.
– Во Митологијата ги запазуваме дванаесте Богови на Олимп и дванаесте задачи на Херкул.
– Во Астрологијата имаме дванаесет хороскопски знаци.
Од ова заклучуваме дека бројот дванаесет и тринаесет се косат. Додека дванаесет е бројка на целост и стабилност, тринаесет е бројка на промена и на создавање на нешто ново. Со оглед на тоа дека повеќето луѓе не се склони кон чести промени на рутина, ова не и оди на прилог на бројката. Убаво е да споменеме дека, покрај ова горе напишаното, тринаесет како број во кинеската култура се смета за среќен. Исто така, Старите Египќани верувале дека животот се состои од тринаесет фази, последната (иронично) смртта.
Бројот 13 во Нордиската митологија
Тринаесет во Нордиската митологија е поврзнан со митот за Балдур, Локи и имелата. Боговите вечераат во Валхала кога наеднаш како непоканет гостин се појавува Локи кој успева да го прелаже слепиот Бог на мракот Ходер, да го погоди Балдур (богот на среќата и убавите вести) со стрела од Имела (единственото нешто што може да го убие). Балдур умира и целиот свет се обвива во мрак и црнина во знак на жалост (подетално во некоја друга статија).
Зошто баш петок?
Во Христијанската религија петок е денот кога Исус е распнат. Исто така, на 13-ти октомври, 1307 г. по наредба на Кралот Филип IV убиени се Витезите Темплари, Де Молеј и други француски темплари.
Во раните митолошки религии, па и религијата па и модерната Паганска религија Вика, петок (анг. Friday) е поврзан со Божицата Фреја, Божица на плодноста и љубовта. Секако на Црквата не му се допаѓало ова и некаде околу 1300 – та година го прогласува петок 13-ти како несреќен ден (некои за ова го обвинуваат и таткото на англиската книжевност Џефри Чосер и неговото дело „Кантербуриските Приказни”). Но, „несреќата” на петок (несреќа го употребувам како многу широк поим) не е само поврзана со религија. Во Стар Рим, петок бил денот за погубување, како и во Британија во минатото.
Во денешницата петок 13-ти или „црн петок” го поврзуваме со паѓање на берзата како и опад на цените и сè на сè „лош ден” за започнување на нови проекти. Иронично, со оглед на тоа дека на петок 13-ти настануваат најголемите гужви и тепачки за пазарење. Толку од суеверноста. Без разлика дали сте суеверни или не, се надевам дека статијава малку ви ги прошири хоризонтите и успеа да ве заинтересира.
За крај една мала порака: Колку што верувате во нешто толку тоа постои.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.