Грчка митологија Литература Македонска поезија Македонски автори Писатели и поети Поезија

Благословот (од Артемис)

Не можам да најдам утеха,
оваа ноќ црна ме убива.
Прости ми што те расплакав,
знам, плачеше кога заминав.
Плачев и јас штом се сокрив,
далеку од божествените височини,
од смртниците и ѕвездениот покрив и секоја ѕвезда една откако те оставив ме убива,
сѐ на тебе потсетува.

Љубов моја немирна,
иако сум Божица имам свои црни дамки,
од Купидон внук ми црвени рани.
Се заљубив,
во тебе се изгубив и не можев да го поднесам тоа, не можев да не плачам кога со еони гледам што смртниците сонуваат,
кога од почетокот на времето боговите ко мене повредуваат.

Се колнам љубов,
се колнам во љубените ми шуми, срни и волци,
твоите солзи ми беа болни.
Се колнам во сѐ што е во мене ѕвездено, во сѐ што мислиш дека е нестварно, а постои,
те гледам од скриените височини,
ти ги слушам прошепотените молитви,
ти ги милувам виолетовите темјанушки и круните од нив плетени
и се кријам од  погледите на браќата ми –  мртвите  богови.

Те љубам илјадници години,
се сеќаваш?
Во илјадници други тела,
во илјадници други земји и градови,
во илјадници други храмови каде што оживував преку статуата само за да те допрам
од инает на сите минати и нови богови,
од инает на нашата и сите нови религии,
од инает на судбините и црните нивни  визии и конци испреплеткани.
Се сокрив, по падот во тебе останав,
со тебе сонував,
стрелите ги закачив и моќите ги заборавив,
живеев во колиба со тебе додека на Олимп гниеја празни тие бели дворови.

Немој да ме колнеш,
немој да заминуваш,
секоја солза е болна,
секоја реченица испрекината.
Пусти се небесата,
бледи се ѕвездите без тебе,
ловот нема смисла ниту пак девиците,
жртвите престанаа,
престанаа и молитвите.

Само твојата остана…
искрено, твојата ми е најбитна…
Зборувај ми, не престанувај,
пишувај ми, не заборавај,
инаку со реброто на дедо ми ова сѐ ќе заврши,
ама не верувам дека во Елизија долго ќе останам,
ниту во Тартарус има место за богови,
а и чичко ми со скршено срце да живеам – мртва нема да дозволи.

Да ти кажам искрено?
Се плашам,
ако те бакнам ќе паднам,
ама падот не ме колеба,
туку љубовта што може да не е вистинска,
зошто не разбирам,
зошто ти да се проколнеш љубејќи Божица?

Не можам да најдам утеха.
Оваа ноќ црна ме убива.
Прости ми што те расплакав,
знам, плачеше кога заминав.
Ко кукавица ги собрав стрелите и побегнав,
назад еднаш не погледнав.

“Артемис… Артемис… Артемис…” шепотиш
и по два милениуми храмот повторно со гласот ми го градиш,
жртвите растителни и свеќите миризливи со љубов  ги палиш,
шумските мои деца дојдени одоколу небаре сум јас ги галиш и им зборуваш,
со векови и векови и векови чекаш и не престануваш.

Не можам веќе.
“Артемис… Артемис… Артемис”
името не ми звучело никогаш поубаво отколку оваа ѕвездена вечер,
и го бакнувам и испраќам гулабот – слободата и благословот,
и време мислам дека е да слезам и да им покажам на лажните ловци
(меѓу останатото),
што значи да приоѓаш на љубовта на Божицата на ловот.

Не можам да најдам утеха.
Оваа ноќ црна ме убива.
Прости ми што те расплакав,
знам, плачеше кога заминав.

” Артемис… Артемис… Артемис…”
одекнува од кралството на Хадес па до зад Олимп в вис,
нека зашумат шумите!
Нека јават на смртниците!
Повторно живее Артемис!

 

(Од Артемис – 3)

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје