На наше задоволство денес имавме можност да поразговараме со поетесата Маријана Митревска од Ресен. Повод за разговорот е излегувањето од печат на нејзиното првенче „Сите наши песни“.
Која е Маријана, да те запознаеме одблиску?
– Здраво! Пред сè ви благодарам и на вашето време и многу ми е мило што сум ваш гостин. Маријана Митревска првенствено сопруга а потоа и мајка на едно дете. Живеам во градот Ресен. Во слободно време сакам да креирам облека, рачни изработки на детски книги, да цртам портрети и икони и би сакала да ја усовршам техниката за цртање бидејки не сум професионалец, сите овие работи ги правам за своја душа. Во поглед на литературата освен што творам, притоа сум организатор на интернационална антологија Македонија-Индија, книгата се вика ,,Под небо на земја” а темата е Љубов и Мир и со тоа сакаме да пренесеме порака во светот.
Од кога се роди желбата за пишување кај тебе?
– Уште од мала возраст пишувам но тоа го чував за себе. Сега оваа година собрав храброст да го споделам со читателите и драго ми е за позитивната реакција и поддршката која ми ја даваат. Голема благодарност до сите.
Честитки по повод излегувањето од печат на твоето првенче, збирка поезија „Сите мои песни“. Кажи ни нешто повеќе за ова твое дело.
– Ви благодарам за честитките. Моето прво дело ,,Сите мои песни” пред сè, се љубовни песни, чувство кое секој човек го поседува и може многу лесно да се пронајде во моите песни. Како целосна збирка книгата го освои второто место на конкурсот ,,Книжевни Меридијани “ и ја освои наградата ,,Душа на чаршијата” за тоа ми е многу драго што емоцијата во збирката допрела до комисијата.
На кои литературни натпревари досега имаш учествувано и кои се исходите од истите?
– Имам учествувано на многу конкурси во нашата земја и надвор од неа. Моментално сум учесник на најголемата поетска манифестација ,,Мили Дуели” во Босна и Херцеговина која е во организација на Нермин Делич и досега сум меѓу 250 најдобри учесници од 52 земји. Среќна сум што го постигнав овај резултат и што досега стигнав до ,,третиот круг “ кој одлучува за влез во полуфинале.
Учесник сум ширум следните континенти: Америка, Австралија, Азија, Африка.
Ефектот или резултатот од конкурсите е одличен бидејки така стекнуваме нови познанства и ширење на нашето дело – пишувањето. Многу од писателите од надвор, ја познаваат нашата историја и кутура и воедно се запознаени и со наши литературни манифестации.
Која освоена награда досега ти е најдрага (ако постои таква) и зошто?
– Сите награди си имаат посебна приказна за доделувањето и ми се многу драги. Во многу краток временски период од 6 месеци се здобив со над 50 награди. Ќе ги издвојам: Прва награда на ,,Охридски Поетски Бисер” во организација на Милица Паулус бидејки на некој начин таа беше меѓу првите награди кои го препознаа мојот талент за пишување.
Потоа би ја издвоила ,,Златна Ѕвезда” Во Нигерија бидејки со тој текст ,,Прегратка за Мир“ допрев повторно до читателите. И за крај ,,Сребрена Ѕвезда” во Индија со песната ,,Месец” таа награда ми е многу драга бидејки се работи за поинаков и потежок стил на пишување ,,Хаику“.
Што значи да се биде поетеса според тебе?
– Да бидеш поетеса е голем дар, што можеш преку стихови и напишаниот збор да допреш до читателите и да им пренесеш порака.
Главна инспирација за твоите стихови?
– Моја најголема инспирација е нашата музичка икона Тоше Проески. Неколку песни му се посветени токму баш него. Самите читатели ќе сфатат за кои песни станува збор. Потоа љубовта кон религијата и убавините кои ги поседува нашата земја.
Како реагира публиката на твоето творештво?
– Публиката за првпат имаше можност да одлучи на 6-ти Мај 2020 година за моето понатамошно творештво кога на фан страната на ,,Тоше Проески” ја споделија мојата песна ,,Срце со љубов полно цело “ која му беше посветена токму баш него и имаше над 2 000 допаѓања за многу кратко време. Како за непознат автор тоа е и повеќе од доволно.Таа песна исто така се наоѓа на првата страна во мојата збирка. За останатиот успех пофалбите постојано пристигнуваат ,,на моја сметка”.
Среќна сум што ме поддржуваат.
Ако мојот живот би била книга, тој би се викал…(дополни)
– Ако мојот живот би била книга, тој би се викал…„Животот е убав ”
Кој е твојот лајтмотив?
– Тоа што е твое ќе си дојде, најважно е да имаме здравје и многу трпеливост.
Што да очекуваат читателите во иднина во поглед на творештвото, дали може да се очекува нешто ново во блиска иднина?
– Во блиска иднина би сакала да испечатам една книга со детски песни затоа што тие се нешто најскапоцено нешто на овој свет и таа збирка е веќе спремна. Понатаму во поглед на пишувањето со тек на време може да се очекува нешто на поразличен стил на пишување но повторно на тема:Љубов. Пишувам и песни за сите возрасти што може да ги исполнува музички изведувач па се надевам дека успешно ќе се реализира работата и на тоа поле – музиката.
Повод за овој разговор беше токму излегувањето на збирката „Сите мои песни“. Каде може да се најде и како читателите можат да стигнат до неа?
– Книгата веќе е во продажба во книжарниците во мојот град Ресен. Во Скопје ќе се продава во книжарницата ,,Полица” – Центар и исто може и мене да ме контактираат читателите. Се надевам ќе реализирам продажба и во други градови.
Што значи за тебе среќата, кратка дефиниција за неа?
– За среќата ќе исцитирам непознат автор што могу ми се допаѓа: ,,Среќата не можеш да ја купиш, среќата можеш само да ја родиш“. Да се биде мајка е најголемата среќа според мене.
Порака до читателите на Крајбрежје?
– На читателите би им препорачала периодов да останат во своите домови и во добро здравје, да читаат добра книга од домашни автори. Секако да ги следат и новостите од Крајбрежје.
На Маријана ѝ благодариме за одвоеното време и ѝ посакуваме бројни успеси на приватно и професионално поле!