Архитектурата на Кратово е карактеристична по типичната староградска македонска архитектура. Речиси во сите градби се среќава каменот и дрвната конструкција, пересте и плитар. Ваквиот начин на градба им овозможува еластичнот и цврстина на градбите, во стилот на старомакедонската архитектура.
Радин мост
Овој мост се наоѓа на познатата Манцева Река и е подигнат во 1833 година. Мостот е подигнат на две високи кули, од кои едната е висока 28 а другата 29 метри. Сегашниот мост е изграден од познатиот скопски големец Хавзи-паша. За најпрочуениот Радин мост се раскажува потресна легенда според која во темелите жива е заѕидана Рада. Потресната приказна за деветте браќа-ѕидари и за убавата невеста Рада сѐ уште привлекува голем број странски и домашни туристи, кои доаѓаат да го видат легендарниот Радин мост во Кратово.
Мостот бил подигнат и пуштен во употреба на 16 септември 1833 година, а управувањето со градбата му било доверено на тогашниот скопски големец Хавзи-паша. За изградбата на мостот била обезбедена финансиска помош од градот Дубровник, благодарение на заложбите на жителите на дубровничката колонија во Кратово, која имала 57 куќи, и на германските рудари Саси, кои ги обновиле старите кратовски рудници. Мостот преку Манцева Река бил потребен за комуникација со Злетово, Лесново, Штип, Кочани и со околните градови.
Изграден од мајстор Раде во 14 век
– Уште кон крајот на 14 век, познатиот мајстор Раде изградил мост, кој бил познат како Радев мост. На двете страни имало стражарници и се наплаќала мостарина во натура – со јајца, мед, сирење, урда… Но, околу 1820 година мостот бил уништен по удар од гром.
Така, патниците останале отсечени, а трговските врски со околните градови биле отежнати и морало да се кружи преку Аргулички мост. Затоа, дубровчаните и Сасите, кои живееле во Кратово, издејствувале средства од Дубровник и ја почнале изградбата на легендарниот Радин мост, непосредно над разурнатиот Радев мост, од кој сѐ уште стојат остатоци – раскажуваат кратовци, кои долги години ги чуваат и собираат легендите и преданијата за знаменитостите во Кратово.
Легендата за деветте браќа-ѕидари
Според легендата, изградбата на Радин мост била аманет од мајката на деветте браќа-ѕидари.
– Мајката на деветте браќа, кои биле од кратовското село Крилатица, еден ден тргнала на пазар во Куманово, но не стигнала затоа што Kрива Река го однела Марков мост. По тоа, таа на своите синови им оставила аманет да градат по еден мост секаде каде што ќе одат за да се шири шоплакот, бидејќи тие потекнувале од подрачјето населено со Шопи и сите деветмина имале шопски имиња – раскажуваат кратовци.
Според преданието, тие почнале да го градат мостот на Манцева Река, но тој постојано се уривал. Сѐ што ќе изграделе дење, ноќе паѓало. За да им „трае“ мостот, тие се договориле снаата што утредента ќе им донесе ручек да ја заѕидаат во темелите за да се зацврсти градбата. Сите им кажале на своите невести за договорот, само најмалиот брат не кажал. Утредента, најмладата Рада им приготвила ручек и им го однела на мајсторите, а кога ја видело нејзиното момче, силно заплакало. Деверите, пак, ја фатиле и жива ја заѕидале во темелите. Рада само милно ги замолила да ѝ ја остават десната града за да може да си го надои машкото дете.
Ова е најраширената и најприфатена легенда за која Васка Илиева има испеано и песна, но постои и предание дека во темелите на мостот е заѕидана само сенката на Рада, а таа била поштедена да не оди курбан заради доенчето што го имала, се раскажува во Кратово.
Прочитајте ја и легендата за Прохор Пчињски и царот Роман Диоген.
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.