Skip to content

Реинкарнација – Анастасија Лефкоска

Шумата е тивка.

Лисјата шумолат.

Прашина се собира на мојата надгробна плоча,

раните физички веќе не болат,

емоциите веќе не кочат,

зошто тешка е мојата надгробна плоча,

осамена е,

Нема луѓе околу неа лицемерно да молчат.

Не.

светка мермерот на сонцето сјајно,

на него напишано ми е името од животот минат трајно,

птици пеат околу мојата надгробна плоча,

ги тажат и ги жалат спомените закопани,

детството поминато,

убиено,

задавено,

погинато,

младоста луда,

ги жалат сите што ги сакам а ги кудат.

Темна е мојата надгробна плоча,

еве и јас пред неа стојам,

со поглед во очите чуден,

со разум изгубен

без жал за она што е закопано,

без страв дека ќе биде ископано.

Сама ја направив таа надгробна плоча,

дента кога сѐ старо избришав,

дента кога умрев а оживеав.

И не ми е жал сега додека ја гледам мојата мината надгробна плоча,

се смешкам и молчам,

ја фрлам цигарата веќе изгасната,

Вртејќи се ја газам тревата израсната,

ја напуштам шумата и плочата со спомени полна,

со крената глава и олеснета душа си одам дома.

Напишете коментар