Колумни Литература Мотивација Психолошко катче

Љубениот лик

На сите ни се случило барем еднаш да застанеме пред огледало и една по една да си ги наоѓаме мааните.

“Премногу ми е крив носот – не го сакам.”

“Премногу ми се раздалечени забите – не се смеам.

” Имам брчки околу очите – стареам. “

” Имам стрии – не сум привлечен/на.”

И така натака една по една сѐ додека себеси не си станеме карикатура, а потоа и не подлегнеме на идеите за естетска хирургија. Не ме сфаќајте погрешно, не сум противник. Естетска хирургија е сосема во ред ако навистина има потреба за тоа од медицински аспект па понекогаш и сосем минимална корекција, но во последно време, по долги разговори со пријатели и пријателки сфаќам дека претераното користење на естетската хирургија на Балканот доведува до поставување на еден нереалистичен стандард за физички изглед, што потоа доведува до значително опаѓање на самодовербата кај поединците. Затоа решив да си ја отворам устата на оваа тема.

Луѓенца,

Слушајте ме. Совршени сте онакви какви што сте. Совршено парче уметност створено специјално за нечиј восхит, желба, копнеж и љубов.

Крив нос? Совршено се вклопува со нечиј при бакнеж.

Разделени заби? Даваат карактер на најмелодичните насмевки.

Брчки околу очите? Дел од вашата приказна запишана баш таму. Сѐ она на кое сте се смееле, сте плачеле, сте се муртеле и посакувале. Со гордост носете ги.

Стрии? Синови и ќерки на богот на молњите, исцртани и бележани како ѕвезденото небо над сите нас. Небото без ѕвезди, комети, без месечината и метеори не бива нели?

Телото е канвас, телото е храм. Декорирано, тетовирано со сѐ она што го допрело, со сѐ она што оставило белег за ако умот заборави, телото да памети.

За крај, ако сѐ ова не ве убеди или барем малку натера да се замислите, нареден пат кога ќе се погледнете во огледало сетете се на јапонската легенда која вели:

Во овој живот сите го носиме ликот на оној што во минатиот најмногу сме го љубеле.

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје