Skip to content

(Не)љубовната поезија кај Сергеј Есенин

Легендарниот руски лирски поет Сергеј Есенин својот живот го заврши трагично, на триесет години, во декември 1925 година, извршувајќи самоубиство. Во последната година од својот живот, тој во неколку песни, индиректно, но и директно, го најавува својот крај. По многуте љубовни врски и трите брака, Есенин во неколку прилики успева на својата некогаш топла љубовна поезија да ѝ даде еден поинаков, рамнодушен и смирен тон. Во таквите негови стихови само одвреме-навреме се појавува некоја негова вистинска, вонвременска љубена, додека централно место заземаат жените кон кои не чувствува ништо посебно. А и самиот поет е свесен дека таквите „чувства“ се обострани.

Понекогаш среќаваме и двосмислени стихови, во кои, се чини, поетот има поделени чувства, сеќавајќи се со носталгија на својата некогашна сакана, за која, сепак, нема повеќе љубов. Или можеби има?

* * *

Срцево сѐ уште силно ми бие,

И љубов за друга чува во себе,

Но длабоко страста стара ја крие,

Што буди дамнешен спомен за тебе.

Рамнодушноста кон жените што не му значат многу, се изразени во некои други песни. Таквите песни, си земаме за право да ги наречеме антиљубовни. Tој пее за заблудата за која и двајцата се свесни, за врската во која сѐ е јасно и нема манипулации со чувствата. Во стиховите во кои ѝ пишува на „сопатничката на ладните лета“, се вели:

 

* * *

Сопатничке на ладните лета,

Не збори за играта – „љубов“, низ смеа,

Подобро месечината да слета

На перницата над која бдеам.

 

Нека на лицето на мојата болка,

Засјае таква, сјајна и бела,

Ти нема помалку мене да ме сакаш,

Ти никогаш не си ме ни љубела.

 

Па љубовта има само еден клас

И затоа ти си ми `ко леден брег,

А липите често нѐ мамат нас,

Со нозете забодени во снег.

 

И обајцата знаеме, сепак,

Па блесокот на месечината син е,

И не цути никаква среде зима липа,

А чемреат снег и иње.

 

* * *

(Есенин со својата втора сопруга, светски познатата Исадора Данкан, 18 години постара од него)

Во неколку други свои песни, тој признава дека душата му е „потполно студена“ при изјавувањето „љубов“, која всушност не е љубов, туку само обична страст. Во разделбите нема жалење, нема болка, сѐ е сведено на една игра, која е само и единствено игра. За крај, во целост даваме една од неговите најубави антиљубовни песни, во која, сепак, до израз доаѓа и тагата по некоја негова одамна загубена и искрена љубов:

Не гледај ме така, со прекорен мир,
Не го кријам од тебе јас својот презир,
Но ги сакам сонливите очи твои,
Лукавиот поглед прекрасно ти стои.

Ми се чиниш така тивка сега,
Како некој што на плен се слади,
Ја сакам јас лисицата кога,
Итро демне гавранчиња млади.

Е, па,  демни, јас не ти се плашам,
Но немој да останеш без жар,
Во ладново, грубо срце мое,
Ниту една не пронашла чар.

Не те љубам, знај, јас тебе мила,
Од онаа вистинската блед си само сјај,
А со мене само таа била,
Чии очи се синеат без крај.

Нека таа на тебе не личи,
Нека има и најстуден взор,
Но со својот чекор необичен,
Ми ја донесе душата до прегор.

Таквата не сака во сенка да биде,
Туку ни ја бара сета душа,
Јас никаква болка не сетив од тебе,
А твојата лага рамнодушно ја слушам.

И со презир сакам да ти кажам
Едно нешто што сигурно го знам,
Да ги немаше пеколот и рајот,
Човекот ќе ги измислеше сам.

(Препев од руски: Симеон Јанков)

Автор: Симеон Јанков

Напишете коментар