Мотивација Психолошко катче Совети

Искреноста кон себе е клучна алатка во процесот на трагање по вистината

Не е лесно да се кажат вистинските зборови во вистинско време. Некогаш знае да биде прилично тешко да се напишат вистинските зборови на вистинско место. Уште потешко некогаш се пишува вистинска песна. А што е вистинско време, кои се вистински зборови, која е таа вистинска песна? Постојат толку одговори колку што постојат вистини што луѓето сакаат да ги ослободат.

Која е твојата вистина?

Можеби сѐ уште трагаш по истата, продолжи понатаму. Не се откажувај од потрагата. Некогаш е потребен долг период додека да се појават одговорите. Сосема е во ред да бидеме збунети или демотивирани во процесот на трагање по нашата вистина. Прашањето што треба да си го поставиме е од каде потекнуваат тие наши чувства.

Кога ќе го согледаме коренот на проблемот кој лежи во сржта на тие емоции (позитивни и негативни) работите стануваат полесни. Бидејќи тогаш видикот ни се разбиструва, мислите веќе почнуваат да добиваат насока. Тогаш излегуваме од таа зацртана шема на размислување, имаме проширени хоризонти и почисти перспективи.

Вистината и искреноста одат рака под рака. Тие се како лонче и поклопче, а ни требаат на сите. Точно е дека вистината некогаш може да боли, уште поточно е дека нечија искреност може да погоди многу. Одговорот е дека ние треба да ја преземеме одговорноста за справување со вистината и искреноста. Од нас зависи како ќе ги прифатиме и ќе одговориме на истите. Исто така дали од нив ќе може да се извлече некоја поука, мудрост или насока.

Искреноста е клучот

Секогаш бидете искрени пред себе бидејќи тоа ќе ви ги отвори очите, наместо да ви бидат затворени со лаги што би си ги кажувале себеси. Реалност и вистина е она што треба да си го дадете прво себе, а потоа и на другите. Бидејќи со замачкување на очите патот ќе ви биде претежок за одење. Нешто слично како кога е премногу нечист предниот прозор од автомобилот или замаглен, а вие треба да управувате со него.

Без оглед по каква вистина и да трагате бидете подготвени на предизвиците што ги носи самиот процес. Нема секогаш да биде глатко, ниту “да оди како подмачкано“ бидејќи токму тешкиот процес носи поголеми бенефити. Колку повеќе се трудите толку поголеми се шансите да успеете (ова важи за секој вид “обид“ во секое поле). Запомнете: „Победникот не застанува при првата пречка ниту се откажува при првиот неуспех. Тој пробува и се обидува додека не успее бидејќи единствениот негов вистински одговор е успехот!“

Н.Н

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје