Skip to content

Едно мистично доживување на Карл Густав Јунг

 

Прочуениот швајцарски психијатар, таткото на аналитичката психологија, Карл Густав Јунг, доживувал низа мистични искуства. Меѓу нив е и средбата со еден мртов пријател, објавена во неговата автобиографија „Спомени, сновиденија и размисли“. Извадокот го пренесуваме интегрално:

„Една ноќ лежев буден, размислувајќи за ненадејната смрт на еден пријател, на чиј погреб присуствував претходниот ден. Бев длабоко вознемирен. Ненадејно почувствував дека тој е во собата. Ми се чинеше дека стои до ногарките од креветот и ме моли да тргнам со него. Не чувствував дека се работи за призрак. Би рекол, тоа беше моја внатрешна визуелизација за него. Себеси си го објаснив тоа како фантазија.

Но, бидувајќи чесен со себе, морав да се запрашам нешто:

,Дали имам каков било доказ дека ова е фантазија? Што ако не е фантазија, што ако мојот пријател е навистина овде, а јас одлучувам дека се работи само за фантазија? Во тој случај, зар не би било тоа многу нечесно од моја страна?’

Од друга страна, речиси и немав доказ дека тој навистина стои крај мене како призрак. Тогаш си реков себеси: ,Доказот не е ни тука, ни таму. Наместо да си го објаснам како фантазија, можам да решам да му верувам, и во име на експериментот, да го сметам за вистински.’

Во мигот кога таа мисла ми мина низ главата, тој тргна кон вратата и ми даде знак да го следам! Ова не го очекував и прилично се изненадив. Морав уште еднаш, себеси, да си го повторам својот аргумент. Дури тогаш тргнав да го следам во мојата имагинација. Ме одведе надвор од куќата, во градината, на патот и најпосле до својата куќа. Во стварноста, таа се наоѓаше на неколку стотици метри од мојата.

Влегов и тој ме внесе во својата работна соба. Се качи на еден стол и ми ја покажа втората од петте книги во црвен повез. Беа на втората полица одозгора. Тогаш визијата престана. Не ми беше позната неговата библиотека и не знаев какви книги поседува. Секако, не можев да ги видам насловите на книгите, на кои ми укажа дека се наоѓаат на втората полица од врвот.

Ова доживување толку ми ја разбуди љубопитноста, што следниот ден отидов кај неговата сопруга. Ја прашав дали може да видам нешто во библиотеката на пријателот. Како што и очекував, таму беше столот под полиците на кои наидов во своето видение. Дури и пред да се приближам, можев да ги видам петте книги во црвен повез. Се качив на столот, со цел да ги прочитам нивните наслови.

Се работеше за превод на романите од Емил Зола. Насловот на вториот том гласеше Заветот на мртвите. Содржината не ме интересираше. Но, насловот беше исклучително важен во врска со ова искуство.“

Подоцна излегло на виделина дека пријателот бил нобеловецот Волфганг Паули, еден од пионерите во квантната физика. Но, Паули се занимавал и со парапсихологија. Јунг соработувал со него во врска со мистеријата на синхроницитетот.

Превод од англиски: Симеон Јанков

Напишете коментар