Јас без тебе – Лина Димоска

Кога и да те приметев
во огромната гужва народ
се радував
што погледите ни се среќаваа,
што ми се насмевнувашe понекогаш,
што ми наздравувашe
со чаша полна коњак со мраз,
што ме гледашe така
како да сакаш да ме зграпчиш,
што не ти го знаев ни името,
а бев луда по тој поглед
и што упорно гледав во тебе,
а тој поглед беше како гледање во празно.

Кога и да те сретнев
те среќавав на моите омилени места,
во кафаните, во клубовите,
кај музиката, кај пијалоците,
меѓу заборавените жени,
меѓу жените кои се спремни
да дадат сè за да бидат дел
од машкиот живот барем на ноќ,
за да им украдат пијалок со мраз,
за да им украдат бесплатен превоз,
за да добијаат број
и уште некое задволство,
за да им играат цела ноќ
и утрото да се разбудат повторно
како заборавени жени,
како жени за кои мажите
немаат веќе место во сеќавањата.

Понекогаш жалев што не бев како нив,
жалев што ниту еднаш не ти дојдов,
што ниту еднаш не ти заиграв,
што ниту еднаш не те принудив
да ме извлечеш од локалот
и да ме одведеш негде
каде што само ноќта ќе ме памети,
што не ти реков “Зар не гледаш
дека горам од желба за тебе?“,
што не го слушнав твојот глас,
што само тонев во твојот поглед,
а ти го мамеше мојот
и ме гледаше секој нареден пат,
а тоа значи дека не си ме заборавил.

Жалев што не те натерав
да ме испратиш до дома
и пред порти да ме бакнеш силно,
а јас да ти речам “Полека“,
од страв соседите да не видат,
да те поканам да влезиш,
да ти направам топло чоколадо,
чаршафите на мојата постела
да ја запаметат таа ноќ,
а утрото да ме разбуди главоболка,
несеќавање на миговите
и порака на моето биро
“Беше одлична синоќа,
но заборави што се случи“,
а јас да не се ни сеќавам
за да не мора да заборавам,
за да не бидам јас заборавената,
туку ти да бидеш незапамтениот.

Жалев кога ме гледаше
преку некоја друга девојка,
жалев што не сум на нејзино место,
што нема да ти ја мирисам кожата,
што нема да ја почувствуваш
горчината на мојот парфем,
што нема да ти воздивнам во вратот,
што нема да си играш
со секој дел на моето тело,
што нема да ми наполниш коњак
за наредното утро да ми олесни
со онаа глупава фраза:
“Извини, бев пијана,
не знаев што правам.“

Бев среќна што ме штитеше,
што не дозволи да ме имаш,
а сакаше,
што не сакаше да ме заборавиш
затоа што сум испаднала лесна жена,
туку да ме памтиш
како девојка со весел поглед
која секогаш ти се смешкаше,
како лудача која не ти се доближуваше,
како дама што умираше за тебе,
но ужваше живеејќи без тебе.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!