Декември – Софија Величковска

Расипана е жолтата боја,
украдено е жолтото злато,
само тивки воздишки останале,
само траги од стапалата на крадецот..

Сонцето сега поинакво е,
поинаку грее,
поинаку влегува во нашите соби,
наутро поинаку нè буди,
сонливост ни остава,
сака да се пробие низ снежните гранки,
но некако тоа тешко му оди,
оти Декември го стасал,
оти Декември почнал да си го
гради престолот тука..

И не, нема намера да си оди,
штотуку почнува неговото владеење,
штотуку започнува мрзливата кариера,
која ни поставува одлична
студена бариера..

А, пак,топло ми е.
И чуствувам огромна топлина
кога знам дека конечно ќе
го почувствувам снегот,
неговиот студен стисок,
ќе го слушнам неговиот
гласен врисок,
неговата боја ќе ја впијам,
ќе ја исцицам и последната капка
слатка снежна крв…

А можеби денот ќе ја сокрие тагата,
можеби денес некој ќе ни нацрта
срамежлива насмевка,
можеби денот ќе успее да ни ја
приушти онаа предновогодишна атмосфера,
или нема да успее?

Можеби првиот ден од месецот
ќе ни разбуди прекрасни чувства кои
ќе сакаме да се тука и во наредните денови.
Можеби баш овој ден ќе ни ја донесе
онаа хармонија која душата ќе ни ја разгали,
можеби денес некој ќе се опие од
прекрасното вино кое крвта му ја засладува,
можеби од денес,
ние како мали глувчиња
ќе се радуваме и пееме на снегот,
или пак, ќе ни мрзнат носињата,
а ние како оние малечки дечиња
ќе скокаме од возбуда,
ќе бараме морковче од мама,
за да го стокмиме снешкото наш..

А вљубените пак?
Ќе танцуваат под ширното небо,
од кое паѓаат прекрасни снегулки
кои се впиваат во нивните руси коси..

Секоја небулоза е победена,
секоја здодевна игра е завршена,
на секоја лоша песна нè болат ушите,
на секое добро вино нè боли главата..
Тоа е така зошто болката е дел од животот наш,
Без неа нема да се трудиме
да се опоравиме од нешто,
без неа нема да се радуваме на нешто
што ни пристигнало,
а прекрасно е,
волшебно и мирно,
сè е бело и магично.

Прстофат љубов ставам во чајот,
го носам на саканиот,
тој станува среќен.
Среќен е оти Јас, Декември
и Љубовни колачиња
тргнавме во неговата прегратка,
а прегратка е она што
не може да се опише,
прегратка е она нешто што денес
е строго неизбежно,
прегратка нè топли и затоплува,
па затоа ги фрлам сите дебели алишта
од мене,
затоа ги палам сите покривки
кои ме топлеа ноќе,
се покривам само со мир и љубов,
оти снежната настинка лесно ќе помине,
а на љубовната ѝ нема крај!

Софија Величковска

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?