Skip to content

Само песните останаа да бидат вистина – Виктор Кадинец

  • by

Само песните останаа да бидат вистина.
Како абортиран срам на нашето време,
ги отфрламе вистините пред кои свесно молчиме.

 

Тивко и кревко е секое внесување
во нашите вистини,
на лагите кои беснеаат од радост.
Ги препознаваме во туѓите гревови,
а милост бараме за своите.
Од едната страна потоци,
вирчина слеани во стих.
Од другата, реки суви и човек,
паднат борец, последен и тих.
Одиш до човек и од човек се плашиш.
Одиш до нечовек, како од човек се плашиш.
Во ретките сомнеж на чело,
сув жиг.
Во жигосаните секој поглед е миг.
Му ставивме знак еднакво
и на добриот поради лошиот
и на лошиот ни прошка му даваме
за да бидеме добри,
ниту добриот фала од нас има,
ниту лошиот нешто добро прима.

 

Лоши луѓе се собрале таму.
Од лошите, ни добриот не го гледаш.
Ни себеси можеш во магла да се најдеш,
ни магла знаеш дека има,
ни глас ќе чуеш,
туку само ехо.
А егото зае*ана работа е,
забегува,
неслетуваш,
мислиш полетуваш,
а не долетуваш.
Ехо од егото.

 

Сепак…
Добри луѓе таму негде се кријат.
Едни од жиг страден да не им се даде.
Други во молк,
добрини редат.
И едните и другите одат кај третите,
како прогресија, си прават репресија.

 

Сепак…
само во песните остана вистината.
Во оние ненапишани,
со зашиени усни,
непрочитани.
Па кога лошиот ќе ги види,
ги протерува во заборав,
да не добие дума кога добар бил.
И добриот кога ги чита,
ги чита напишаните.
Оти само видик за нив има.

 

Само песните ни останаа вистина.
Оние ненапишаните.
Непрочитаните.
Со кои се плашевме да се соочиме.
И стававме падежи, со јадежи.
И насмевки во немирен ритам.
И левото, десно се стори.
И десното, во лево влезе.
И страните изгубија смисла,
бидејќи ја баравме таму каде ја нема.

 

Сепак…
пред да почниме да се сакаме,
да си туриме малку почит,
на жешката постела од желби.
Да се погледниме во очи,
со грбот завртени,
со огледалата пред нас
…кој знае, можеби, тоа е тоа.

Сепак, вреди да пробаме…
Дали вистината ќе излезе од песните
или само таму ќе ја спомнуваме…
За последен пат.

Виктор Кадинец

Напишете коментар