Skip to content

За еден допир

Не гледам ништо пред мене. Видикот ми е поматен до непрепознавање на сè наоколу. Подавам рака за да видам што има околу мене. За момент сум во улога на слепо лце кое првпат се наоѓа на непозната територија. Нема никој во просторијата. Празно е, си помислувам. Празнина чувствувам како воздухот наоколу да вели „не можеш да ме видиш колку што не можеш да ме допреш“.

Не се противам на празнотијата, во душава ми е полно со топлина. Надвор есенските дождови ја гостат почвата со нивните напои за да може да роди, да биде плодна. Кога во душата ти е топло не ти е грижа дали надвор температурата заминала во минус. Само сакаш да имаш со кого да да ја споделиш топлината, чии дланки да згрееш, чие срце да затоплиш. Конечно сфаќам дека сум сама и на непознато место, но не се плашам.

Зарем може чиста душа да се плаши од зли сили? Нема поголема сила од чисти мисли и душевна чистотија. Се обидувам сепак нешто да допрам во целосната празнина. Раката ја чувам подадена како да чекам да фатам снег во движење што паѓа од небото. Тогаш една машка силуета се движи кон мене, но ликот не му го препознавам. Сакам да го видам, но се појавува некоја магла што ми го мати видикот. Тој подава рака кон мене. Сè уште не знам кој е, топлината само му ја осеќам.

Тогаш маглата одеднаш се разбистри и моите очи се насмевнаа кога се сретнаа со неговите. Ја насочи неговата дланка кон мојата, сакаше да ја дофати. „Би те чувал како капка на дланка“ одѕвонуваше како ехо во мојата глава додека раката се движеше кон мојата. Пред да ни се спојат дланките заѕвони будилникот, а јас сфатив дека сум сонувала уште еден загадочен сон на кој посакував да му го знам продолжетокот.

Н.Н

Напишете коментар