Вратете ми ги писмата. Песните под балкони, под прозори. Вратете ми ја поезијата и срамежливите бакнежи. Инаку не знам јас поинаку. Вратете ги “клише” рандевуата. Ѕвезди да гледаме на ќебе распослано, музика да свири, изгрејсонце да се дочека. Вратете го додворувањето од по два месеци, па собирање храброст за првиот бакнеж, па скокањето од среќа (ко будала) накај дома. Не знам јас поинаку.
Не ми оди таа нездрава посесивност, тоа играње шах, тоа ‘еј нејќам ама ќе пробам’. Не ми пропаѓа тоа ‘Па може и со други да се глеаме’ тие паузи, тие караници за глупости, таа некоја си вештачка љубов што се пласира на инстаграм. ‘My world. My love.’ Емоџиња со катанци, со илјада светови, а во инбокс ‘zdr kakosi’ на триесетина дечки и девојки. Па кај се ‘фати се фати’. Не е интересно веќе да се правиме дека не ни е гајле, да изигруваме битанги и принцези, елита и обичњаци, инаети и слаби. Таков ли живот ќе живееме? На тоа ли ќе ги учиме децата?
‘Ако не ти врати, исплукај ја, од А до Ш, а после ваѓај ѝ муабети низ цел град.’
‘Ако е фин и културен, не е машко, слабак е бре и гази го пред сите а после побегни кај некој што нема ни да те смета за човек и смеј му се оддалеку.’
Грдо е вака од страна, нели? Ама тоа е тоа. Тоа сега го живееме зошто нели клишето не е веќе во мода. Зошто секој секому сака да покаже колку е среќен, а уствари таа среќа е горчлива и толку растворена што веќе ни повеќето не знаат каков е нејзиниот оригинален вкус. Затоа, вратете ми го првичниот рецепт. Заглавена сум во времето, признавам и не знам како тука. Се губам во морето на битанги и принцези и едвај преживувам. Писма пишувам и сонувам за таа една насмевка што ги добива. Верувајте, толку е убава што сакам сите така да се насмеат. Баш онака клише Тејлор Свифт тип на заљубено што свети толку светло и ги брише линиите на елити и обичњаци и разни други препреки и штом светлината избледува се губат сите типови новокомпонирани според стандарди туѓи а остануваат оние клише, среќни луѓе.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.