Дали знаете дека со помош на техниките за дишење можете да се чувствувате подобро дури и да ја намалите анксиозноста?
Ќе направиме вежба за дишење што се вика 4-7-8. Вежбата е навистина добра и помага да го добиеме потребниот кислород во нашите органи, крвта и мозокот. Ја применуваме кога се чувствуваме напнато и анксиозно. Дури и ако не се чувствувате посебно напнато и анксиозно во моментов, веројатно е дека истото во себе го носите потиснато. Можеби постои тензија за која не сте свесни, бидејќи сте навикнале на тоа.
Што се случува кога сме напнати?
Кога сме напнати, сѐ во нас е затегнато на некој начин. Тоа прави да дишеме поплитко, што на нашиот мозок му праќа порака дека сме во некаква опасност. Мозокот потоа му испраќа сигнали на телото да се подготви, така што можеме да интервенираме на физичко ниво. Тоа подразбира менување на дишењето и смирување на телото, што резултира со ослободување на напнатоста.
Токму дишењето треба да му каже на мозокот дека сега сѐ е во ред со нас. Дури и ако негативните емоции не се интензивни, дишењето помага да се отстрани тензијата и да ни даде смиреност. Тоа особено важи кога поминуваме низ тешки периоди.
Техниката е едноставна
Затоа, сместете се удобно, затворете ги очите ако сакате, или сосредоточете го погледот на нешто пред вас. Може и да стоите, да седите, да лежите, па дури и да одите додека ја правите оваа вежба. Ако во кој било момент почувствувате несвестица или вртоглавица, престанете и продолжете да дишете нормално. Понекогаш на телото му треба повеќе време да се приспособи на оваа техника на дишење. Не сакам никој да се онесвести.
Вдишете длабоко, броејќи до четири. Задржете го здивот броејќи до седум. Издишете бавно, броејќи до осум. Повторно вдишете броејќи до четири, задржете го здивот до седум, и издишете броејќи до осум. Сѐ на сѐ, повторете ја оваа техника петпати во текот на секоја нејзина примена.
Правете го ова колку што сакате: еднаш, двапати или десетпати на ден, кога и да почувствувате напнатост или набој од емоции. Целта е повторно да се почувствувате посмирено и постабилно.
Џулија Кристина
Според Џулија Кристина, лиценцирана клиничка терапевтка, магистер по советувачка психологија, од Ванкувер, Канада. Ова и многуте други нејзини полезни видеа може да ги најдете на нејзиниот канал на Јутуб.
Превел од англиски: Симеон Јанков
Прочитајте и дознајте кои се тие 8 начини со чија помош ќе ја вратите контролата врз своите мисли и ум.