Колумни Литература На пауза со моите монолози

Човештвото е ставено на колективен тест како никогаш претходно

Преточувањето на мислите во зборови, а зборовите во реченици не е секогаш едноставна задача. Некогаш оди глатко, а знае да биде и макотрпен процес на обликување на мислата во читлива форма. Забележувам дека кога внимателно ги избирам зборовите правам подолги паузи од вообичаено. Туку, темата не ми беше како настануваат текстовите, намера ми беше да напишам текст во кој ќе ги ослободам сопствените чувства.

Но кога пишуваш, а знаеш дека истото стигнува до поширок круг читатели почнуваш да бидеш пребирлив во изразувањето. Пак заминав офтопик, се враќам на главната тема – текстот кој значи ослободување на чувства. Изминативе месеци беа турбулентни и неизвесни речиси за сите нас. Толку многу промени се случија, а бевме ограничени во движење како никогаш досега. Не дека па и патувањата беа целосно забранети, но малкумина од нас одлучија да ја напуштат земјата.

Како влијаеше оваа година генерално врз нас?

Оваа година беше предизвикувачка речиси како никоја досега. Ни го тестираше менталното и физичко здравје како што претходно не било тестирано. Ни ја испитуваше границата на толерантност и која е нашата највисока точка на трпение. Нè предизвика да размислиме за многу работи кои претходно ниту сме сакале, ниту сме имале храброст да си ги признаеме пред себе. Нè натера да се запознаеме себеси подобро, но и тие најблиските околу нас.

Ни ги покажа и преку маски вистинските лица на многу луѓе во нашите животи. Ни го стесни кругот и ни покажа кој бил тука вистински за нас, а кој не заслужува да биде дел од нашиот свет. Всушност самите си направивме селекција на приоритетни нешта, но и на луѓето кои ги сакаме

Сфативме дека во еден ден може да се променат многу нешта. Не дека не го знаевме ова претходно, но сега беше повеќе од јасно дека не е потребно многу за да се случи некоја крупна промена на глобално ниво. А таа промена да не е природна катастрофа туку еден вид предизвикана од човечки фактор.

Луѓето се способни (дури и несакајќи) да направат енормни промени од глобален размер. Дали сфаќате колкава моќ има човештвото врз планетава на која живееме? Таа истата моќ може да биде фатална по нашите животи, но може и да придонесе за подобар живот.

Затоа живејте во сегашноста и уживајте во сегашниот миг. Само него го имаме целосно на располагање. Никогаш не можеме да знаеме што ќе донесе следниот момент, час, ден, па и месец. Крупни промени можат да се случат во дел од секундата, па што останува за промените што можат да настанат за цела година.

Тестот пред кој сме исправени сите не е завршен. Допрва следува тестирањето кое ќе ни покаже многу нешта. Ве молам само на тестот на човечност нека има повеќе положени отколку паднати. Не смееме да го загубиме човечкото во нас во овој дигитализиран свет.

Наталија Наумовска

 

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје