Литература Литературна критика (рецензии) Проза

Психолошка анализа на „Алиса во Земјата на чудата“

„Ализа во земјата на чудата“ е дело на математичарот и логичарот Чарлс Латвиџ Доџсон, познат под псевдонимот Луис Керол. Ова дело повеќе од 150 години ги забавува малечките и возрасните. Обединувајќи ја математиката, пoлитичката сатира, психологијата и личното искуство, ова дело е отворено за различни толкувања. Заради богатството на алузија, популарноста на ова дело е вечно загарантирана.

Иако недостига конвенционална приказна, морално добра хероина и поука, Алиса нè остава со чувство на нецелосност. Керол го избрал сонот како структура и со тоа рационално го заменил бизарниот, фантастичниот и ирационалниот свет на соновите. На тој начин, наместо моралистичка и дидактичка книга за деца, Керол создал измислен свет, простор во кој се живее и каде може да им се даде полет на мечтите. Вака создадено, ова дело дава разни можности за толкувања.

Теорија на идентитет

Оваа теорија се однесува на суштествата од Земјата на чудата, односно на анализа на битните ликови во делото – мачорот Кезало, гасеницата, кралицата Срце и самата Алиса во сонот. Керол вешто ги окарактеризирал ликовите, симболирајќи на делови од структурниот модел на психата.

Кралицата е врховен владетел во земјата и со тоа може да се поврзе со идот. Мачката и гасеницата се ликови кои ја потсетуваат Алиса на нејзиното вистинско “јас“ и на тоа дека таа е диригент на сонот, а не дека самата таа е сон. Тие го претставуваат суперегото. Алиса е егото кое наоѓа смисла во бесмислениот свет.

Кралицата Срце

Фројд идот го дефинира како биолошки, инстиктивен, наследен и аморален дел од личноста воден по принципот на задоволство. Идот е хаос, полн со енергија која доаѓа од нагоните и единствено бара исполнување на истите.

Кралицата е примитивната страна на Алиса. Кралицата и војвотката се претставени како жени кои своите непосредни потреби ги задоволуваат моментално, со земање на голема количина храна. Тоа може да се сфати како метафора за отворено покажување на скриената сексуалност. Сепак, иако кралицата е врховен владетел, нејзините наредувања со константен излив на бес за да се обезглават нејзините поданици никогаш не се остваруваат. Нејзиниот лик е тука само за да ѝ се спротистави на Алиса и да ја врти во реалниот свет.

Мачорот Кезало и гасеницата

Суперегото претставува социјално усвојување на стандардите со кои егото, на прифатлив начин, може да ги задоволи импулсите на идот, без сериозни последици.

Така мачката и гасеницата секогаш се претставени над Алиса. Тие се тука за да ѝ се спротистават, контролирајќи ја смислата за добро и лошо. Гасеницата нема разбирање за нејзиниот проблем со неприлагодувањето во Земјата на чудата, но ја издвојува од останатите и ѝ помага да не го изгуби идентитетот таму. Мачката се појавува секогаш во критични моменти, секогаш кога Алиса се плаши дека ќе се изгуби.

Суперегото оневозможува умот да се чувствува добро со себе, а Фројд вели дека суперегото е всушност мотивирано од агресијата на идот.

Алиса

Егото ги содржи сите оние психолошки функции што се развиле во текот на еволуцијата со цел да ги задоволат потребите и постојано да балансираат помеѓу идот и суперего.

Од самиот почеток на сонот, Алиса е принудена да задоволи многу суштества. Покрај задоволувањето на потребите што се јавуваат, егото има и задача да ги потисне забранетите желби што се наоѓаат во несвесното, а кои имаат тенденција да навлезат во свеста и да ја вознемират личноста. Таа честопати се гледа како натрапник во сопствениот ум.

Конфликтите ќе ги реши егото преку одбранбени механизми, како што се репресија и проекција.

Авантурата во Земјата на чудата на Алиса ѝ помага да го открие нејзиниот вистински идентитет. Кога ќе излезе од својот сон, а со тоа и од Земјата на чудата, ќе видиме дека таа има далеку поголема контрола врз ситуацијата и нејзината личност.

Психологијата и анализата на Фројд секако не се единствените можни начини на толкување, но тие се одлична почетна точка.

Прочитајте зошто сите наликуваме на Дон Кихот.

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје