Психопат наспроти социопат: Во што е разликата?

Сигурно сте чуле како некого нарекуваат „психопат“ или „социопат“. Но што навистина значат овие зборови? Нема да ги сретнете во официјални документи, бидејќи докторите не поставуваат такви дијагнози. Наместо тоа, се користи терминот антисоцијално пореметување на личноста. Повеќето експерти веруваат дека психопатите и социопатите имаат слични карактеристики. Овие луѓе имаат многу ниско чувство за тоа што е добро и лошо. Исто така, изгледа дека не ги разбираат или делат чувствата на другите. Но, постојат и разлики.

Имаат ли совест?

Клучната разлика помеѓу психопатот и социопатот се состои во совеста, во оној мал глас што ни кажува дека ќе направиме нешто лошо“, вели Л. Мајкл Томпкинс, професор и психолог во Центарот за третман на менталното здравје во округот Сакраменто.

Психопатот нема совест. Ако ве лаже со цел да ви ги украде парите, нема да почувствува никакво морално вознемирување, иако може да се преправа дека чувствува. Може да ги набљудува другите и потоа да дејствува на таков начин, што нема да биде откриен“, вели Томпкинс.

Социопатот обично има совест, но неговата совест е слаба. Социопатите може да знаат дека крадењето пари е погрешно, и може да почувствуваат каква-таква вина или каење, но тоа нема да го спречи нивното однесување.

„И психопатот и социопатот имаат многу ниска емпатија. Емпатијата е способност да влезеш во нечија туѓа кожа и да разбереш како другиот се чувствува. Но психопатот има помалку обѕир за другите“, вели д-р Арон Кипнис, автор на книгата Комплексот на Мида. Некои со овој тип на личноста гледаат на другите како на објекти што може да ги искористат во своја полза.

Не се сите насилни

Во филмовите и сериите, психопатите и социопатите обично се злосторници што мачат или убиваат невини луѓе. Во вистинскиот живот, некои луѓе со антисоцијално пореметување на личноста може да бидат насилни, но повеќето не се. Наместо тоа, повеќе се служат со манипулација и се однесуваат безобѕирно, само да го добијат она што го сакаат.

Во најлош случај, тие се ладнокрвни, пресметливи убијци“, вели Кипнис. „Повеќето се вешти во качувањето по корпоративната скала, дури и ако мора да повредат некого за да стигнат до целта.“

Ако препознаете некои од овие црти кај член од семејството или колега од работа, може да паднете во искушение и да помислите дека живеете или работите со психопат или социопат. Но ако некој е лош или себичен, не мора да значи дека има такво пореметување на личноста.

Ладнокрвен психопат, импулсивен социопат

Не е лесно да се забележи психопат. Тие може да бидат интелигентни, шармантни и вешто да имитираат емоции. Може да се преправаат дека се заинтересирани за вас, но всушност, најверојатно не им е грижа.

Психопатите се вешти глумци, чија главна мисија е да манипулираат со другите заради лична придобивка“, вели Томпкинс.

Социопатите не се толку добри глумци. Не кријат дека не ги интересира некој друг, освен самите себеси. Честопати ги обвинуваат другите и наоѓаат оправдување за своето однесување. Социопатите се импулсивни. Дејствуваат без да размислат како тоа ќе се одрази на другите.

Психопатите се многу поладнокрвни и попресметливи. Внимателно ги проучуваат своите потези и планирано користат агресија за да дојдат до тоа што го сакаат. Ако нивна цел се парите или статусот на работното место, на пример, тогаш ќе направат план да ги тргнат сите пречки што им стојат на патот, без разлика дали некој друг ќе ја загуби работата или репутацијата.

Разлики во структурата на мозокот

Новите истражувања укажуваат дека психопатите имаат поинаква мозочна структура од останатите. Можеби токму таквата структура им отежнува да почувствуваат емпатија кон некој друг што е вознемирен. Таквите разлики може дури и да ги променат основните телесни функции. На пример, кај повеќето луѓе што гледаат крв и насилство во филмовите се забележува повишување на пулсот, пократко дишење и потење на дланките. Кај психопатот се случува спротивното. Станува уште посмирен. Кипнис вели дека таа карактеристика им помага на психопатите да бидат бестрашни и да  преземаат ризици.

Тие не се плашат од последиците на своите дејства“, заклучува тој.

Извор

Превел од англиски: Симеон Јанков

Прочитајте и дознајте како се запираат негативните мисли.

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?