Македонски автори Приказни за деца Проза

Новиот јунак на приказната

“Се плашиш?” Праша тивко, детски, скоро уплашено.

“Секако дека не.” Одговорив насмеано. “Повеќе немаат што да ми земат.”

“Ам-ама..куќата? Имотот, домот…”

“Минливи работи дете. Минливи. Ќе ги земат и што потоа? Мислиш ли дека ќе бидат посреќни така? Мислиш ли дека ќе имаат сила да ме избришат? Секако дека не. Јас сум секаде. Јас не живеам во овој град, јас сум овој град. Секое негово ќоше е ќошето на моето парче хартија, секоја кривинка е линија, секоја распукана улица е мојата приказна. Јас го создадов овој град во главата и сите што живеат во него. А сега се спремаат да ме протераат….” повлеков од цигарата. Не беше ни премногу темно за да биде погодно за ваков муабет, а ни премногу светло за да биде рано за истиот.

“Ама чекај, ако градов е твој…приказната и сè во него…што ќе се случи ако те протераат? Што ќе му се случи на приказната ако тебе те нема?” Очите од секунда во секунда сè повеќе и повеќе ти се ококоруваа. Го издишав димот. Што ќе се случеше? Најверојатно ништо. Градот ќе останеше во приказна како и сите во него, а јас ќе продолжев понатака. Сепак, постоеше нешто што не ми дозволуваше да продолжам, ова дете до мене чија лојалност ме пратеше од самиот почеток, од првата реченица.

“Ништо нема да се случи. Ќе почнам одново. Ќе ја препишам приказната сè додека не се срамнат брчките во неа.”

“Ќе се сеќавам ли?” Праша уплашено и помалку надежно.

“Ако сакаш да се сеќаваш, ќе направам да се сеќаваш.”

“Сакам.” Изговори одлучно. Шумата се повеќе и повеќе сѐ затемнуваше а светулките шарени летаа околу нас. Виењето на волците се слушаше оддалеку. Не се грижев. Не беше оваа опасна приказна, во мојот град имаше магија и во неговите шуми ни волците не касаа.

“Добро тогаш дете.” Ја изгаснав цигарата. “Се гледаме на наредниот почеток.” Се насмевнав и го прегрнав.

Ги отворив очите. ‘Повторно заспав во дневната проклетство!’ Часот беше четири наутро ‘Подобро ич да не легнувам.’ Ја погледнав на работната маса недовршената приказна, се насмевнав и зедов ново парче хартија. Го натопив перото и започнав:

 

Си беше еднаш, уште еднаш. Нов почеток, а малиот Бојан на сè претходното се сеќаваше. Тој и писателот повторно се најдоа во истата шума, но под други околности. Овој пат Бојан беше главниот јунак на приказната, но тоа ќе го разбереше многу понатака.”

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје