Македонска поезија Писатели и поети Поезија

Вештерката

Велат вештерката,
таму е на крајот од шумата,
со ветрот зборува,
сите ги проколнува.
Велат вештерката, а не ја знаат приказната, за гласот на една жена што секоја вечер нова приказна дома ја пречекува,
и магијата што само таа може да ја почувствува.
Една љубов незаборавна, со векови и еони ја бара и повторува:

“Кај да те најдам сега?
Патот е празен, срцето ме стега и страниците ми се потрошија,
цвеќата на сите наши паднати херои се положија.
Сила немам.
Кажи ми кај да те најдам?
Вавилонска кула изградив само за да те достигнам,
илјада вери и религии сменив само за да те прегрнам.
Ако паднам, кажи ми, во таа дупка црна што околу животот ми се врти,
ќе ме извлечеш ли?

Знам дека многу барам,
и знам дека многу сакам,
и криво ми е што тогаш кога требаше на подиумот не можев името да ти го кажам.
Затоа ли те снема?
Илјада пати ти кажав, илјада вечери ти зборував пред спиење,
тежок човек сум за сакање ама ти не престана, не се откажа,
издржа низ сите бури и трња што низ душата ми се продираа,
низ секој страв, секоја загуба, секој кошмар и детска траума…

Кажи ми, кај да те најдам сега?
Ми се појави ко светлина небесна на неверник, наеднаш и без никаков знак за тоа што доаѓа,
збесна ко рането животно за секоја моја пролеана солза,
на секое мое двомислење ти зовираше крвта,
само за да ми докажеш дека и невозможното постои,
натера грозје да никне од цут од врба,
душава црна ми ја извади,
ја измачка со мелеми и назад ја врати,
илјада пати… илјада пати заспиваше со мене пред зори,
го натера срцево скаменето да оживее и прозбори и замина…
кажи ми…вистина ли беше или само на климав ум визија?
Ако си визија појави се пак,
ветувам нема да пијам за реалност апчиња,
нема да ти дадам причина да исчезнеш од мојата меморија,
ако си вистина, биди вистина проколната,
од вештеркава на сред шума измолена,
никогаш во животов моја вистина кажана ниту па преболена.

И еве сум пак во колибата, вечен снег е тука,
ги следам стапките наназад до замрзнатото езеро и магијата во него што никогаш нема да дозволи мразот да распука,
нема да дозволи лето да дојде и да става секојдневно штом Сонце изгрева, сол на таа незарасната рана,
негувана,
сакана,
крвава,
жива,
ко жив фолклор со приказни полна,
и толку болна,
секогаш болна по еден недосонуван сон,
засадени цвеќа заспани во овој наш замрзнат двор.

Ти ветив, иако сум темнина, ко Хадес во подземјето секое цвеќе ќе ти го засадам,
сите што сакаат да те повредат со една напивка ќе ги заспијам,
ќе ги сокријам сите твои писма длабоко во кутијата кај што ми е и срцето на чување ставено, закопано во сите тие спомени,
заспано во нив ко дете малечко,
уште од времето кога љубовта беше одземена, среќно. “

Велат вештерката…
Од каде па тие ја знаат приказната па да судат?
Од каде им право деца да плашат?
Што ги тера, кажи ми барду, да лажат?

Велат вештерката…
А не знаат дека таа лекува,
билки и тревки и каменчиња собира,
И чека…
вечно чека некого додека часовникот рачно – резбан во собата полека отчукува и реалноста секое утро пред зора,
во магија ко ништо ја претвора.

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје