Вашиот глас Литература Македонска поезија Македонски автори Писатели и поети Поезија

Градот не спие – Софија Величковска

Денес, градот не спие,

и еве не знам,

не знам како ќе ја паметиме оваа бура,

но знам дека еден ден ќе помине.

 

Убиецот секогаш се враќа

онаму каде што го извршил злосторството,

па изгледа ти затоа се наоѓаш

толку долго во моите мисли.

 

Не, градот не спие,

ти душо моја,  многу добро

го знаеш тоа,

а сепак си одлучил да си ја грабнеш перницата

и да ја заборавиш мојата лудничавост.

 

А те држат душо, во сефот,

во сефот со шифра,

а не знаат дека шифрата е кај мене..

Колку смешно..

 

Тивко се смееш,

така неосетно и ѓаволесто,

а не знаеш колку голема ѓаволица

можам јас да бидам.

 

И крајната испрекината линија

се претвора во ситни огнени точки,

оти твојата воздишка ја крадам

како да сум најголемиот крадец на светот.

 

И не ми е срам, зошто знам дека

бурата е преголема,

знам и дека еден ден ќе помине,

но не дозволувај да ни ја срушат

најголемата кула од карти

што едвај успеавме да ја изградиме.

 

Не, денес градот не спие,

денес се топиме ко плазма во млеко,

денес невреме ни годи,

оти на тишина и не сме многу навикнати,

 

Денес градот не спие.

денес, ти си виното кое ме опива,

денес ти си онаа билка која ме лекува,

денес ти си оној страшен наркотик

кој силата ми ја одзема.

 

Да денес градот не спие,

не спијам ни јас,

оти

бурата во мене ко пепел на

ветрот се разнесува.

 

Носот ми е црвен,

а убиецот е онаму,

на место на злосторството,

крвта разлеана,

уште е таму

и нема намера да замине,

градот не спие.

Софија Величковска

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје