Занимливости и информации Литература Писатели и поети Странски автори Факти

Зошто смртта на Едгар Алан По останува мистерија?

Едгар Алан По е еден од првите големи американски автори родени на тоа тло. Познат е како мајстор на ужасот и мистеријата; дури и самото негово име предизвикува морници. Трагично, но сепак складно со тоа, и неговата смрт е обвиена од превезот на мистеријата. Легендите и гласините за неговата смрт се која од која пострашни.

По доживеал трагедија уште на најмала возраст

Тој е роден во Бостон во 1809 г. и уште на почетокот му се случило нешто трагично. И двајцата негови родители биле актери, кои практично не ги знаел. Дејвид По Помладиот, неговиот татко, бил алкохоличар и го напуштил семејството набргу по неговото раѓање. Неговата мајка, Елиза По, умрела кога Едгар немал ни три години.

Малиот По бил испратен да живее во Ричмонд, Вирџинија, кај трговецот со тутун, Џон Алан и неговата жена. Од нив го добил своето формално име Едгар Алан По. Жестоко се карал со Алан и бил принуден да го напушти колеџот поради недостиг на средства.

Наводно, неговиот татко-старател, одбил да ги покрие коцкарските долгови на Едгар.

По времето поминато во војска, самиот го саботирал вториот обид за запишување на колеџот во Вест Поинт.

Престојот во Балтимор

По заминал на север, во Балтимор, кој во тоа време бил многу беден град во кој се случувале грабежи на гробишта. Мизеријата што ја затекнал таму се покажала како совршена инспирација за него. За човекот што подоцна станал иноватор на полето на американскиот ужас и хорор.

Неговата кариера како литературен критичар и писател била релативно кратка, но потполно блескава. Се врткал околу Источниот брег, запирајќи во Њујорк, Ричмонд и Филаделфија. Пишувал за некои од тогашните најголеми списанија. Своето ремек-дело „Гарванот“ го објавил во 1845 г.

Со мистеријата како жанр почнал во 1841 г., со приказните за Ц. Аугуст Дупин, измислен француски детектив. За време на својата краткотрајна кариера, успеал да направи многу.

Неговиот личен живот бил некако поконтроверзен. Се оженил со својата 13-годишна роднина, Вирџинија Клам. Сепак, тврдел дека никогаш немал сексуални односи со неа, сѐ до нејзината смрт десетина години подоцна. Тој употребувал многу алкохол, или во најмала рака, така тврдат некои.

По бил исчезнат една недела пред својата смрт

Во октомври 1849 г. работите оделе на подобро кај По. Неговата публика била голема и требало да се венча со својата прва љубов, Елмира Ројстер Шелтон. Пред тоа заминал на кусо патување од Ричмонд до Филаделфија и потоа до Њујорк. Меѓутоа, По стигнал до Балтимор, а потоа ненадејно го снемало, исчезнувајќи на речиси една недела. Потоа се појавил на 3 октомври, во состојба на бладање, пред таверната Ганерс хол.

Таму го пронашол еден човек по име Џозеф Вокер, кој го препознал славниот писател. Тој заклучил дека е чудно што носел нечија туѓа изветвена, несоодветна облека. Освен тоа, По се грчел во еден одвод за вода. Вокер го прашал По дали има некој познат во близина со кого би можел да стапи во контакт.

По го споменал името Џозеф Снодграс. Вокер му напишал писмо на Снодграс, барајќи ја неговата помош:

Драги, господине,

Има еден господин, ужасно лошо облечен, кај Рајан, на четвртото гласачко место. Се претставува како Едгар Алан По и изгледа дека е во голема неволја. Вели дека се познавате и потребна му е итна помош.

Со почит, набрзина напишано,

Џош В. Вокер

Оттаму По бил пренесен во Вашингтонската факултетска болница, каде работите стануваат уште помрачни. По бил сместен сам во една соба без прозорци. Таму само еден лекар, д-р Џон Моран се грижел за него во неговите последни денови. Еднонеделното исчезнување и хистеричната и изнемоштена состојба во која бил најден, придонеле за шпекулациите.

Освен тоа, сведоците не биле веродостојни. Почитувачите на неговото дело повеќе од век и половина не знаат што точно му се случило.

По умрел на 7 октомври, откако наводно ги изговорил своите последни зборови: „Боже, помогни ѝ на мојата бедна душа.“ Теориите за неговата смрт почнале да се појавуваат речиси веднаш откако се дознало за тоа.

Дали умрел од алкохолизам?

Нема документи за неговата последна хоспитализација. Се знае дека бил примен со дијагнозата френитис, или згрутчување на мозокот. Тој еуфемизам често се користел за труења со алкохол и дрога. Постојат сомнежи околу неговата смрт. Причини се тогашниот непрецизен третман, како и мотивите на луѓето што биле вмешани во тоа.

Според многумина, По лесно се опивал од ликер. Не сите што го познавале го знаеле како тежок алкохоличар. Изгледа, тој издржувал подолги периоди без да стави капка. Но кога пиел, не му требало многу за тешко да се напие. Смртта на неговата жена, која умрела од туберкулоза, го поттикнала да пие многу, но на крајот се опоравил.

Откако неколкупати за влакно ја избегнал смртта и по лекарските совети, По ветил дека ќе престане да пие. Неколку месеци пред смртта, му се придружил на Движењето на алкохоличари што апстинираат.

Снодграс бил голем застапник на ова движење и патувал низ земјата. Го користел По како пример за опасноста од опивањето. Снодграс напишал дека кога го нашол По во барот во Балтимор, писателот бил длабоко опиен од ликер. Зборувал неповрзано бладајќи.

Потоа, Грисволд, чии односи со По не биле едноставни, му напишал сурова, клеветничка и авторизирана биографија. Во неа укажувал дека легендарниот писател бил зависник од опиум и тежок пијаница.

Моран го забележал тоа и сторил сѐ да ги разјасни околностите за смртта на По. Тој вели дека не е можно да се појавил пијан во барот. Децении подоцна, ја напишал книгата „Во одбрана на Едгар Алан По“. Во неа го опишал трезниот, смирен По, како рецитира поезија на својата смртна постела.

Има многу други теории за смртта на По

Некои шпекулираат дека Едгар Алан По умрел од беснило. Симптомите се поклопуваат со начинот на пропаѓањето на неговото здравје во болница. Во 1996 г. Мајкл Бенитез, истражувач и професор на Универзитетот во Мериленд, привлекол внимание со таа теорија. Неа ја претставил на една медицинска конференција.

Делумно, теоријата била заснована на сведоштвата на Моран за болничкиот престој на По. Според него, По имал напливи на лудило, со периоди на луцидност помеѓу кулминациите на грозничавото бунило. Моран забележува и дека По одбивал да пие вода. Бенитез вели дека и тоа се совпаѓа со симптомите на беснило.

Како и да е, Моран не се смета за веродостоен раскажувач, ако се споредат неколкуте недоследности во неговата приказна. Делумно, поради тоа што за тоа пишувал многу години подоцна. Ако вистината се разликувала од тоа што Бенитез го прочитал, беснилото може да е уште една неодржлива теорија.

Всушност, можеби се работело за грип што прогресирал во пневмонија. Пред последното, трагично прекинато патување, писателот бил на лекар, жалејќи се дека е болен.

Крис Семтнер, кустос на Музејот на По во Ричмонд, вели:

„Последната ноќ во градот, тој бил многу болен и неговата несудена сопруга забележала дека има слаб пулс и треска. Таа сметала дека не треба да патува за Филаделфија. Отишол и на лекар. И тој му рекол да не патува, бидејќи бил многу болен.“

Другите теории вклучуваат труење со јаглерод моноксид или тешки метали. Но тие теории во најголема мера се отфрлени. Постои и теорија дека По бил претепан, како резултат на што умрел од бавна смрт. Тоа повеќе звучи како нешто од неговите приказни, а не како нешто вистинито.

Извор

Превел од англиски: Симеон Јанков

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје