Во еден малечок град, каде плоштадот е поплочен со бел мермер, живееше едно малечко девојче. Ја викаа Зора. Зора беше сираче. Немаше ни татко, ни мајка, ниту некој роднина за да се грижи за неа. Живееше на мермерниот плоштад. Спиеше по клупите. Беше парталава, нечешлана и боса.
На пролет ги бркаше птиците и пеперутките. Во лето се ладеше под сенките на дрвјата и се капеше во фонтаните. Некој пазарџија ќе ѝ дадеше парче диња или лубеница за да се освежи. На есен им завидуваше на децата кои одеа на училиште. И таа сакаше да учи. Сакаше да стане шнајдерка, како тетка Неда, која некогаш ја прибираше во дуќанот. Во зима само посакуваше да се сокрие од студот.
Тој декември страшна зима го зафати градот со плоштад од бел мермер. Плоштадот блесна во целиот сјај и раскош. Гратската елка беше украсена со лампиони во секакви бои. Беше висока до небото. На бандерите висеа прекрасни светулки. Чиниш паѓаа од небото како да се ѕвезди. Луѓето ги поставија тезгите со новогодишни украси и честитки. Дедо Мраз им делеше шеќерчиња на децата и се фотографираше со нив. Тука беше и човекот кој продаваше печени костени. Костените толку убаво мирисаа. Потскокнуваа на жарта и изгледаа крцкави.
Зора луташе низ плоштадот, понесена од новогодишната магија. Некои од луѓето ќе ѝ дадеа нешто да поткасне. Некои ќе ја избркаа, а таа не им се лутеше. Весело потскокнуваше на снегот со босите стапала. Многу сакаше да касне од топлите костени, но човекот кој ги продаваше воопшто не ја сакаше Зора. Постојано ја бркаше. Не сакаше ниту пред очи да му излезе.
Таа вечер, од едни деца слушна дека од Дедо Мраз може да посака било што. Ако била добра, Дедо Мраз ќе ѝ ја исполнел желбата. Зора го бараше Дедо Мраз низ плоштадот, а кога најпосле го здогледа, весело потрча кон него. Тој, од малата торба извади шерќерче и ѝ го даде на Зора.
– Јас имам една жебла. – му рече Зора. Потоа се крена на босите прсти и се доближи до неговото уво. – Сакам неколку топли костени од онаа тезга. – со прст му покажа кон тезгата. – Бев добра цела година, мора да ми ја исполниш желбата. – му рече и си замина.
Стануваше сè поладно. Луѓето полека се прибираа во своите домови. Толку беше ладно, што и кучињата скитници се засолнуваа некаде. Зора зеде неколку влажни картони и ги стави на една клупа. Искинатата облека воопшто не ја топлеше, но заспа со надеж дека желбата која ја посака ќе ѝ се исполни утредента.
Дедо Мраз не ја заборави желбата на Зора. Наредното утро купи неколку печени костени и со поглед го бараше веселото девојче за да му ги даде. Зора ја немаше околу. Човекот прошета. Се распраша во дуќаните и по пазарџиите, но никој тоа утро не ја видел Зора.
По некое време, на една клупа крај гратската елка, здогледа како мало, детско раче виси од под снегот. Како луд истрча и го растурка снегот кој паѓаше минатата ноќ и го затрупал телото на девојчето. Тоа утро на Зора не ѝ зазори зората. Човекот само немо ја гледаше некое време. Се смрзнала. Личеше на мала, ледена принцеза. Стапалата, дланките, малите детски устиња беа модри како суви сливи. Неколку костени се стркалаа од џебот на човекот. Се оствари ли желбата на Зора? Ниту Дедо Мраз немаше одговор.
Лина Димоска
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.