Патот кој нè води кон нас самите не е секогаш едноставен. Баш како и било кој друг пат и овој често е крив, полн со препреки и изненадување. Никогаш не можеме да бидеме целосно сигурни дали патот по кој сме тргнале е оној вистинскиот и правилниот. Секој од нас има индивидуален пат, сопствено време на одлуки, како и премрежја, но и избори.
Патот по кој чекориме може да биде трнлив, со препреки, а честопати е еднонасочен, но не дека не можеме да го промениме. Туку дека штотуку изодениот пат не се враќа назад и иксуството што сме го стекнале останува засекогаш. Прашање е само дали тоа искуство ќе биде свртено во наша полза и кои лекции ќе ги извлечеме од него.
Чекориме по зацртаната дестинација која деведесет проценти од времето сами си ја креираме, со своите одлуки, мисли, постапки. Ние како креатори на сопствениот живот сме одговорни за нештата што ни се случуваат. Ако таа одговорност свесно се префрла на некој друг или на надворешните случувања, тогаш се саботираме самите себе. Во ситуации кога не сме можеле да повлијаеме на надворешните фактори, во ред е одговорноста да биде половична. Но секогаш сме одговорни за нашата реакција, како и за дејствијата што ќе ги преземеме.
Ползете, пливајте, трчајте, пешачете со побавно или поспоро темпо, летајте ако треба, но не запирајте. Не се откажувајте при првата пречка, непредвилива препрека. Само губитниците се откажуваат, а оние што успеале да го препреливаат океанот, за нив откажувањето не било ни опција.
Никој не вика дека патот е лесен, никогаш не ни бил. Не ни бил ни нас на помладите иако испаѓа дека животот за разлика од порано е многу олеснет, сè уште постојат опструкции и огромни количини стрес. Не им бил ни на генерациите пред нас, бидејќи ако не се запознаеле со тежината, немаше да смислуваат начини како да го направат полесен. Секое зошто има свое затоа, секоја планина своја тежина, секој пат своја насока, секоја мисла своја емоција, секоја емоција своја постапка. Секој пат има своја крајна дестинација, со сите свои предности и маани.
Одберете го мудро сопствениот следен чекор, бидејќи само чекор по чекор ќе ја искачите планината. Одеднаш не бива ништо, наоружајте се со трпение, а тоа ќе ви донесе мудрост. Чекорете по својот пат со лесни, но сигурни чекори, газејќи цврсто по земја. Не заборавајте да погледнете назад, но само за да видите дали нешто ве влече назад и да проверите до каде сте стигнале.
Н.Н
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.