Петок е,
а јас само едно сакам.
Да ме фатиш за рака
и в кино да ме однесеш.
Ама овде веќе кино нема,
а и тебе те нема никаде.
Петок е,
а јас сакам само едно.
Омилената книга да ми ја купиш,
да ми ја дадеш в раце
и да речеш:
„Не читај толку белетристика,
стручно нешто читај.“
Петок е,
а јас само едно сакам.
Да се расправаме дали филм
или фудбал да гледаме.
Гледај филмови со содржина,
да речеш.
Сега можам било кој филм
да го гледам,
но залудно.
Не можам да се расправам со тебе.
Петок е,
а јас сакам само едно.
Колкави штикли си облекла,
да ми речеш,
ќе те болат нозете,
да изговориш.
А штикли цела година
не сум облекла.
Па што ако?
Тебе пак те нема никаде.
Петок е,
а јас само едно сакам.
Да ме однесеш кај другарка ми
или од кај неа да ме земеш,
ама залудно.
Од Коронава нигде не сум пошла,
а и тебе те нема никаде.
Петок е,
но попусто.
Тебе те нема.
Петок пак ќе дојде.
Тебе пак ќе те нема.
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.